Изготвен нов правилник: Се воведуваат четири категории на вода за капење

Се воведуваат четири категории на водата за капење. Изготвен е нов правилник од страна на поголема експертска група кој е во согласност со европските директиви со кој површинските води што со досегашната категоризација не беа за пиење и за капење и според квалитетот припаѓаа на трета категорија, сега стануваат води со одлична состојба и се препорачуваат за капење. Правилникот е објавен во "Службен весник" и стапува на сила осум дена по објавувањето на одлуката, пишува Вест.

Д-р Михаил Кочубовски од Институт за јавно здравје објаснува дека со новиот правилник, кој стапува во сила осум дена по објавување во "Службен весник", се поместени и параметрите, односно количеството бактерии, според кои се одредува дали одредена вода е безбедна за капење. 

"Со новиот правилник, сменети се граничните вредности за количеството на бактериите ентероки, а воведена е и бактеријата ешерихија коли како параметар, со кои се одредува дали одредена вода е безбедна за капење или не. Разликата меѓу досегашните и новите параметри практично значи дека тоа што досега било вода од трета категорија и била забранета за капење, сега е вода со одлична состојба. Со овој правилник сега се воведуваат четири категории на вода за капење, односно вода со состојба одлична, добра, задоволителна и незадоволителна. Само водите со незадоволителна состојба не се за капење. Тоа не значи дека оваа вода е безбедна за пиење, туку само за капење. Онаа со задоволителна состојба може да се користи за капење, но мора да се преземат мерки за претпазливост, согласно со ЕУ-директивите", вели д-р Кочубовски за Вест. 

Тој објасни дека има нова уредба за квалитетот на површинските води, со која не се опфаќа квалитетот на водите за пиење и за капење, односно дека тие се третираат со посебни правилници.

Правилникот бил подготвуван подолг период.

 

 
 
14.07.2016 - 11:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега