Средба на министрите Елези и Мустафа

Министерката за локална самоуправа Ширет Елези на денешната средба со министерот без ресор Неждет Мустафа, разговараше за можностите за пошироко вклучување на општините во интеграцијата на Ромите на локално ниво.

Елези, како што се наведува во соопштението од нејзиниот Кабинет, истакна дека единиците на локалната самоуправа во соработка со Владата би можеле уште повеќе да придонесат за подобрување на условите за живеење на ромското население. За таа цел покрај буџетските средства би можело да се обезбеди и дополнителна донаторска поддршка, особено во десетте општини каде што се најзастапени Ромите.

Мистерот без ресор, Неждет Мустафа, изразил посебна благодарност за покажаната иницијатива и интерес од страна на министерката Елези. Тој истакна дека во декадата на Ромите се реализирани многу значајни проекти благодарение на силната поддршка од Владата и од донаторската заедница.

Заедно со Министерството за транспорт и врски и со општините, со Меморандум за соработка, се реализирани инфраструктурни проекти во 70 насто од ромските населби, со стипендии се опфатени сите Роми средношколци со просечен успех над три, а обезбедено е и целосно субвенционирано згрижување на децата во детските градинки, рече Мустафа.

Министерската Елези истакнала дека Министерството е отворено за соработка и по примерот на некои општини би требало и другите да креираат посебни буџетски програми за поддршка и интегрирање на ромската заедница во општината.

- Општината е местото каде што најдобро можат да се согледаат потребите на граѓаните и да се работи на решавање на нивните проблеми. Интеграцијата на ромското население на локално ниво е важна не само за ромската популација, туку и за целата заедница, рече Елези.

На состанокот, како што се соопштува, било договорено оваа пракса на редовна соработка и консултации да продолжи со цел да се обезбедат услови актуелните проекти да продолжат да се имплементираат, како и да се обезбедат нови кои што ќе имаат директно влијание на подобрување на условите за живеење на ромската заедница во локалните заедници. 

 
 
14.07.2016 - 14:37
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега