Над 21.500 фирми се регистрирале за електронско пријавување на ДДВ
Од Управата за јавни приходи информираат дека електронското пријавување на ДДВ, навреме и успешно го завршиле 21.647 фирми.
Со новините во даночното работење кои за месечните ДДВ обврзници стапија во сила на 1 јануари оваа година, а за тримесечните од 1 јули, се воведе задолжително електронско пријавување на ДДВ во УЈП наместо досегашното поднесување на хартиени даночни ДДВ пријави на шалтерите во Управата.
Податоците на УЈП покажуваат дека 2,3 отсто од фирмите не се приспособиле на новиот начин на електронска комуникација со УЈП, иако имале законска обврска, односно воопшто не се регистрирале на е-Даноци и не поднеле електронска ДДВ-пријава, за што е предвидена глоба до 3.500 евра во денарска противвредност.
Според последната статистика, од вкупно 37.777 даночни обврзници кои се регистрирани корисници на е-Даноци, 22.148 фирми имаат законска обврска да ја користат електронската комуникација, додека 15.629 ги користат е-даночните услуги на доброволна основа.