ЕВН ги приклучува најпогодените подрачја од поплавите во Скопско

ЕВН Македонија го нормализира снабдувањето со електрична енергија во уште 2.000 домови во најпогодениот регион од поплавите во Скопско.

Како што информираат од компанијата, од вкупно 110 трафостаници кои беа во прекин од големото невреме скоро сите се под напон. Се уште се работи на отстранување на дефектите на десетина трафостаници кои се под вода. Се работи и на реконструкција на дистрибутивната мрежа во деловите кои беа однесени од големите води.

- И натаму важи апелот до граѓаните да ги спуштат надолу осигурувачите ако имаат нови спратни табли или да ги извадат осигурувачите ако имаат од постариот тип на спратни табли. Ова мора да се почитува за да се избегнат несакани последици, бидејќи во домовите има мокри ѕидови и влажни електрични апарати и кабли. За да се избегнат несреќи од ваков вид граѓаните да не преземаат ништо на своја рака и да бидат во целосна координација со екипите на ЕВН Македонија, велат од компанијата.

Екипите на ЕВН, додаваат, ќе останат постојано на терен во најкритичниот регион и ќе работат заедно со полицијата, војската, волонтерите и другите јавни претпријатија на расчистување на последиците од невремето.

- Се оспособува трафостаница по трафостаница и се проверува секоја инсталација кај секој корисник. Секаде каде што е безбедно ќе се приклучи електрична енергија. Без напојување и натаму ќе останат само домовите каде не е безбедно да се пушти напон и корисниците кои сами не сакаат да бидат приклучени додека не ја санираат внатрешната инсталација, потенцираат од ЕВН Македонија.

Делот од населените места каде немаше големи поплави, додаваат, веќе е под напон, а екипите работат на евентуални помали прекини во мрежата на низок напон. 

 
 
11.08.2016 - 17:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега