Горан Трпеновски: Моја боја е законот и новинарските стандарди

Горан Трпеноски, член на Ад Хок телото за медиуми, тврди дека нема да дозволи каков било притисок врз него во работата на ова тело. Во интервју за Прес24, потенцира дека е оптимист оти решение за петтиот член ќе има до 31 август, кога треба да биде лидерската средба.

- Штета на процесот се нанесе што во јавноста неофицијално предвреме излезе списокот со кандидатите за членови на Ад Хок телото. Па поради тоа дел од кандидатите беа етикетирани, што мислам дека не е добро бидејќи се наши колеги новинари и целата работа се сведе дека петтиот член треба да биде поддржувач или на власта или на опозицијата. Затоа се договоривме сите, во ова чувствително време да не изнесуваме детали во јавноста, бидејќи е цајт-нот. И додека не донесеме одлука нема во јавноста да излегуваме со информации од разговорите. Тој што треба да го избереме, јас инсистирам да биде експерт, новинар, да биде препознатлив кај колегите, посебно кај телевизиите, бидејќи тој ќе го има најголемиот товар и одговорност, вели Трпеноски за Прес24.

Тој смета дека суштинско е да се промени медиумската клима и односите во медиумите кои поради недовербата меѓу партиите сега се на најниско ниво, отколку да тоа дали ова тело ќе ги постигне очекувањата. Тој смета дека Ад Хок телото е несреќно решение и очекува дека тоа ќе биде привремено.

- Мислам дека ова Ад Хок тело и се тоа што го договорија партиите е несреќно решение и се надевам дека ќе биде навистина привремено. И се надевам дека ако има избори на 11 декември, по нив мислам дека ситуацијата во медиумите драстично ќе се промени на подобро. Ова е соломонско решение на партиите. И ако се искрени и сакаат вистински да направат реформи, владата мора во првите 100 дена да ги донесе законите за реформа на медиумите. И конечно да се добие малку слобода, да можам да пијам кафе со секого да не ми замеруваат ако пијам кафе во Парламент со кој било пратеник и мене и него зошто седиме и пиеме кафе, вели Горан Трпеноски во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24: Пропаднаа неколку седници на Ад Хок телото за регулација на медиуми во обид да се избере петтиот член. Што е причината за да НЕ се комплетира ова тело?

ТРПЕНОСКИ: Неколку средби пропаднаа, но ја сум оптимист дека до 31 август, кога треба да се одржи лидерската средба, ќе се изнајде прифатливо решение. Во Македонија никогаш пред време, барем во досегашното искуство, решение не се наоѓа така лесно. Зошто да биде едноставно, кога се може да биде сложено. Сите клучни одлуки овој период, како Пржино и договорите од него се носеа 5 до 12. Ние како тело мислам дека ќе го испочитуваме ова правило и се надевам дека нема да бидеме причина да не се одржат изборите. Јас сум оптимист.

ПРЕС24: Добро, но што е причината да не се избере еден од кандидатите?

ТРПЕНОСКИ: Штета на процесот се нанесе што во јавноста неофицијално предвреме излезе списокот со кандидатите за членови на Ад Хок телото. Па поради тоа дел од кандидатите беа етикетирани, што мислам дека не е добро бидејќи се наши колеги новинари и целата работа се сведе дека петтиот член треба да биде поддржувач или на власта или на опозицијата. Затоа се договоривме сите, во ова чувствително време да не изнесуваме детали во јавноста, бидејќи е цајт-нот. И додека не донесеме одлука нема во јавноста да излегуваме со информации од разговорите. Тој што треба да го избереме, јас инсистирам да биде експерт, новинар, да биде препознатлив кај колегите, посебно кај телевизиите, бидејќи тој ќе го има најголемиот товар и одговорност. Но се надевам, барем јас со моето 16 годишно новинарско искуство, моја обоеност ќе биде законот, новинарскиот кодекс и стандарди и дека ќе одлучуваме само врз основа на нив. Дека ќе истрпиме секаков притисок.

ПРЕС24: Дали партиите до сега ви врше некаков притисок?

ТРПЕРНОСКИ: До сега партиите немаат вршено притисок. Оставени сме сами да ја донесеме одлуката.

ПРЕС24: Значи партиите немаат фаворити?

ТРПЕНОСКИ: Партиите може да имаат фаворити, но конкретно за мене фаворит ќе биде објективноста,стручноста и неговиот досегашен ангажман во медиумската сфера.

ПРЕС24: Ви ѕвонеа ли телефоните додека седевте на седници?

ТРПЕНОСКИ: Не! Во канцеларијата телефоните не ѕвонеа, дали надвор ѕвонеле не знам.

ПРЕС24: Конкретно Вас некој ви се јавил да ви сугерира за кого да гласате?

ТРПЕНОПСКИ: Не!

ПРЕС24: Дали пак од друга страна досега имавте какви било контакти со меѓународната заедница, дали тие се интересираат за застојот?

ТРПЕНОСКИ: Директни контакти нема, барем со мене не се консултирале и не се јавиле, иако во медиумите имаше такви информации.

ПРЕС24: Ако не се договорите до лидерската средба, дали опција за решение ќе биде партиите да го изберат петтиот член?

ТРПЕНОСКИ: Се надевам дека нема да дојдеме до таа ситуација. Се надевам дека ние ќе го донесеме тоа решение. Да не зборуваме пред време, да го почекаме 31 август.

ПРЕС24: Ако сега не можете да се согласите, како утре ќе носите одлуки кога ќе треба да мониторирате?

ТРПЕНОСКИ: Телото коа ќе се формира ќе има деловник за работа. Во тој деловник за работа ќе бидат предвидени сите опции и начинот на функционирање на телото.

ПРЕС24: Искрено мислите дека ова Ад Хок тело е добро решение кое ќе функционира во пракса?

ТРПЕНОСКИ: Мислам дека ова Ад Хок тело и се тоа што го договорија партиите е несреќно решение и се надевам дека ќе биде навистина привремено. И се надевам дека ако има избори на 11 декември, по нив мислам дека ситуацијата во медиумите драстично ќе се промени на подобро. Ова е соломонско решение на партиите. И ако се искрени и сакаат вистински да направат реформи, владата мора во првите 100 дена да ги донесе законите за реформа на медиумите. И конечно да се добие малку слобода, да можам да пијам кафе со секого да не ми замеруваат ако пијам кафе во Парламент со кој било пратеник и мене и него зошто седиме и пиеме кафе. Јас во Парламент три години немам пиено кафе со ниту еден пратеник јавно во бифе, што не беше случај претходно. Ние собраниските известувачи секоја нова година организиравме дружење, се собиравме заедно со пратениците во кафеана и имавме меѓусебно дружење. Тоа веќе долго време го нема.

ПРЕС24: Зошто?

ТРПЕНОСКИ: Бидејќи недовербата што ја имаат меѓу себе партиите го прекина тоа дружење. И се надевам дека тоа после изборите ќе се промени и таа традиција на дружење ќе продолжи.

ПРЕС24: Добро, дали Вие се чувствувате како кандидат на СДСМ, и дали оваа одлука да ги прифатите тоа ќе ви донесе трајна етикета?

ТРПЕНОСКИ: Па размислував за ова, но сепак мислам дека по 16 години новинарство, време е нешто да пробам да променам. Знам дека ова ќе биде некоја етикета, како се во државата што се етикетира, но мислам дека без разлика на тоа, ако учествувам во нешто што може да промени нешто, јас сум подготвен на тие етикети и прифаќам целосна одговорност со целиот мој професионален беграунд, и работата ќе ја работам со целиот свој професионализам и интегритет

 
 
30.08.2016 - 11:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега