Македонија ја „билда“ трговската размената со Германија

 

biznis-rast

Македонија ја „билда“ трговската размена со најмоќната економија во Европа. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека Германија станува сè поважен партнер за нашата држава, со двоцифрен раст на обемот на стоковната размена, на извозот и на увозот. Една четвртина од вкупната размена на Македонија со светот отпаѓа на Германија, а оваа земја е и една од ретките со кои нашата држава има суфицит во трговската размена, пишува Лидер.

Извозот од Македонија во Германија за седумте месеци од годинава изнесува фантастични 1 милијарда 151 милион 644 илјади евра, за 14,4% повеќе од истиот период лани.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека големите германски компании во Македонија работат со полн капацитет, што сигнализира дека и покрај политичката криза во земјава, германските фирми во нашата држава прават добар бизнис и може да се очекуваат зголемено производство и нови вработувања.

Германците задоволни од бизнис – климата во земјава

Во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал. Вкупно вработуваат над 15 илјади луѓе, а тоа значи дека гласот на германскиот бизнис во земјава е важно да се слушне. Во изминатиов период, во производствениот сектор во Македонија влегоа големи германски компании, како „Дрекселмаер“, „Маркард“, „ОДВ Електрик“, „Кромберг и Шуберт“, „Техникал Текстајлс“.

-Постоечките инвестиции се прошируваат, се вработуваат нови луѓе и тоа е доказ, форма на доверба, вели првиот човек на македонско – германската стопанска комора, Мартин Кнап.

Последната анкета на Германската стопанска комора во земјава покажа дека германските компании не се откажуваат од Македонија. 75% од членките на Комората одговориле позитивно на прашањето дали повторно би ја избрале Македонија како земја за инвестирање.

-40% од компаниите планираат да го зголемат бројот на вработени во однос на лани, 13% планираат кратење на работни места, а 47% од компаниите не планираат ниту зголемување, ниту намалување на работните места. Слично како и лани, 34 % од компаниите сакаат да ги зголемат своите инвестиции, објасни Кнап.

tabela-izvoz

Генерално гледано, Германците се задоволни од продуктивноста и од работниот капацитет на вработените, од нивните квалификации и академско образование, од трошоците за придонеси, даночниот систем и даночното оптоварување.

Традиционално, најлоши оценки добиваат правната сигурност, дисциплината во наплатата, политичката стабилност, борбата против корупцијата.

Груевски ги јакне врските со Германија!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, деновиве е во Германија на средби со видни германски политичари и бизнисмени. Целта на посетата е продлабочување на односите со најмоќната европска држава.

Груевски разговараше со федералниот министер за економија на СР Германија, Герт Милер. Му ги претстави реформите кои ги прави нашата земја за креирање поволна бизнис – клима, за привлекување на германскиот капитал.

gruevski-2-1

-Информирав за сè она што е наш интерес, што е значајно за Македонија, од нашите стратешки приоритети ЕУ и НАТО, до реформите кои ги правиме во различни области, особено во економската област, рече Груевски.

Македонија работи на отворање нови работни места

Македонската Влада продолжува да работи на привлекувањето нови странски инвестиции, вклучително и германски во нашата земја, на подобрување на бизнис – климата, на креирање позитивен инвестициски имиџ .

И покрај политичката криза, во првите шест месеци во Македонија е влезен за околу 15% повеќе странски капитал во однос на истиот период од минатата година.

Во исто време, до средината на август, вкупната вредност на извозот од фабриките во зоните надмина милијарда евра, за 20% повеќе од лани, што значи дека околу 40% од извозот го прават фабриките во зоните. Ако се имаат предвид најавите за отворање нови капацитети, првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо очекува во следниот период, вредноста на извозот да надмине 2 милијарди евра.

tirz-zoni

Во извозот, доминираат катализаторите на носачи со благородни метали, сетови на проводници за палење за возила, авиони или бродови кои што се произведуваат во фабриките од Бунарџик.

Според извештајот на ИБМ, Македонија е лидер и во отворањето нови работни места по глава на жител. Лани во нашата земја се креирале над 6.000 работни места од нови инвестициски проекти, односно по 2.900 работни места на милион жители.

-Македонија има силни страни. Прво, оперативните трошоци на компаниите, трошоците за труд и корпоративното оданочување се многу конкуретни во европски контекст, значи тоа од финансиска перспектива е многу интересно за компаниите. Второ, работната сила е со добар квалитет, компаниите се успешни и повеќе од нив веќе реинвестираа во земјата. Тоа потврдува дека тие се доста задоволни со квалитетот на работната сила, техничките вештини и од продуктивноста на работната сила, објаснува Роел Шпее од ИБМ.

 
 
07.09.2016 - 09:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега