Статистика: Поповолна состојбата во преработувачката индустрија
Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија, според оценката на раководителите на фирмите, во август во однос на јули годинава, е зголемен за 0,5 проценти, а споредено со август лани за 5,5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во август во однос на јули годинава е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се дека ќе се зголеми, а залихите на готовите производи сe зголемени.
Оценката за економската состојба на фирмите во август годинава е поволна во споредба со претходниот месец, а многу поповолна во однос на август минатата година. Оценето е дека ќе се зголеми бројот на вработени.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти минатиот месец изнесувало 65,1 процент од нормалното искористување.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на прозводството имаат недоволната странска побарувачка со 24,1 процент, недоволната домашна побарувачка со 17,2 процента и недостигот на квалификувана работна сила со 14,3 проценти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа