Пратениците расправаат за ребалансот на Буџетот за поплавените

 

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 117. седница  почна расправа по новиот ребаланс на Буџетот за 2016 година.

Со ребалансот се предлага обезбедување дополнителни 35 милиони евра за целосно обесштетување на поплавените во август годинава. Приходите во Буџетот се непроменети и остануваат на ниво на проекцијата од 174.291 милион денари. Расходите се зголемуваат од 195.472 милиони денари на 197.410 милиони денари, а се зголемува и буџетскиот дефицит од 3,6 на 4 проценти и ќе изнесува 23.119 милион денари, наместо 21.181 милион денари.

- На 6 август годинава скопскиот и тетовскиот регион ги погоди катастрофално невреме кое резултираше со човечки жртви и големи материјални штети за граѓаните од опфатените подрачја. Со оглед на големината на природната  непогода и нејзината разорна моќ во однос на  бројот на степенот на штетите Владата донесе одлука за комплетна помош на настраданите. За таа цел Владата донесе сет мерки, меѓу кои обезбедување 100 процентно обесштетување на граѓаните од кризните региони, рече министерот за финансии Кирил Миноски во образложението на  Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2016 година.

Појаснувајќи во што се состојат предложените измени ресорниот министер посочи дека согласно член 11 од Законот за буџетите, во Буџетот на РМ и буџетите на општините се планираат средства како резерви за отстранување на последиците од елементарни непогоди, епидемии и еколошки катастрофи.

- Со измените и дополнувањата на Буџетот на РМ за 2016 година се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 2,240 милиони денари за постојана резерва за надминување на последиците од настанатата елементарна напогода. Со овие измени, односно со обезбедувањето на дополнителните средства се врши ревидирање на буџетскиот дефицит на ниво од 4 проценти од БДП. Дополнителните средства наменети за санирање на штетите делумно се обезбедуваат со заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници, а делумно со зголемување на буџетскиот дефицит, појасни министерот Миноски.

Ги потсети  пратениците на сликите од катастрофалната поплава која, како што рече, остави илјадници граѓани буквално без ништо. - Наредниве  денови во Собранието, посочи, не се дискутира само за ребаланс на Буџетот, туку се говори и за судбината на илјадници граѓани на кои им е потребна помош. - Би сакал да ги повикам пратениците да ги земат превдид овие факти и да го поддржат ребалансот на Буџетот, потенцира министерот за финансии. 

Општиот претрес за ребалансот, кој е утврден како прва точка  на 117 седница, ќе продолжи по редовната пауза на пратениците.

Според собранискиот деловник, претресот за Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на РМ за 2016 година трае најмногу пет дена. За расправата се пријавени четворица пратеници.

Ова е втор ребаланс на Буџетот годинава. Првиот беше направен во јули годинава.

 
 
19.09.2016 - 14:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега