Македонската економија продолжува да закрепнува

 

Советот на Народната банка на Република Македонија денеска ја одржала својата осма седница на која беше разгледан најновиот Квартален извештај.

Пресс24 интеграло ви го пренесува соопштението од НАродната Банка на Република Македонија

Во периодот од априлските проекции досега, клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се движеа во согласност со очекувањата. Закрепнувањето на домашната економија продолжи и во првото тримесечје на 2013 година, при што бруто домашниот производ оствари годишен раст од 2,9%. Остварениот раст е малку посилен од очекуваниот во априлската проекција, одразувајќи ги подобрите остварувања кај инвестициската побарувачка и посилниот позитивен придонес на нето-извозот. Ваквите остварувања, заедно со расположливите податоци за вториот квартал на 2013 година упатуваат на задржување на економијата во зоната на солиден годишен раст согласно со проектираната патека.

Во текот на вториот квартал беше остварена годишна стапка на инфлација од 3,6%, што е во согласност со очекувањата. Од аспект на ризиците за инфлацијата, тие засега се оценуваат како врамнотежени, а априлските оцени како соодветни.

Остварувањата во надворешниот сектор во првиот квартал не отстапуваат значително од проектираните. Имено, во првите три месеци од годината, кај тековната сметка е остварен малку повисок дефицит во однос на очекуваниот, заради повисокиот трговски дефицит и малку пониските приватни трансфери, при подобри остварувања кај услугите. Во рамките на капитално-финансиската сметка беа остварени повисоки нето-приливи од проектираните, во најголем дел поради пониските отплати кај трговските кредити во однос на очекувањата. Најновите расположливи податоци за билансот на плаќања во вториот квартал (април и мај) упатуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на очекуваниот, предизвикан од влошувањето на салдото на услугите и малку пониските приливи кај трансферите. Остварувањата кај доходот се во согласност со проекцијата, а трговскиот дефицит е помал во однос на очекуваниот.

На девизниот пазар, интервенциите на НБРМ беа во насока на нето-продажба на девизи, што беше во согласност со очекуваната динамика. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се поволни, со оцени за комфорно ниво за апсорбирање на потенцијалните, непредвидени шокови.

Во рамките на монетарниот сектор, последните расположливи податоци заклучно со крајот на вториот квартал укажуваат на постепено раздвижување на кредитната активност и остварување на проектираниот кредитен раст. Сепак, и покрај поволните остварувања во последните месеци, во услови на сè уште слабо економско закрепнување, на глобален и на домашен план и натаму постојат надолни ризици околу остварувањето на кредитниот раст проектиран за 2013 година. Се очекува дека и во следниот период големо влијание врз динамиката на кредитната активност ќе имаат квалитетот на кредитното портфолио на банките, како и конзервативните стратегии на некои банкарски групации коишто со свои ќерки се присутни на домашниот пазар.

Со цел да се ублажат дел од постоечките ризици во економијата, да се поттикне кредитирањето, како и заради обезбедување зголемен прилив на долгорочен странски капитал во домашната економија, во текот на јули НБРМ изврши промени кај  задолжителната резерва. Исто така, се очекува дека промените кај овој инструмент ќе придонесат за одржување на склоноста за штедење во денари.

Имајќи ги предвид оценките дека макроекономските показатели и натаму се во проектираните рамки, во текот на јули беше извршено дополнително монетарно олабавување преку намалување на основната каматна стапка за 0,25 п.п. Со тоа, максималната каматна стапка на благајничките записи се сведе на историски најниското ниво од 3,25%.

На Седницата беше разгледан и Извештајот за ризиците за банкарскиот систем во првиот квартал од 2013 година. Во Извештајот се заклучува дека во услови на умерено закрепнување на домашната економија и продолжување на падот на активноста во евро-зоната, во првиот квартал од 2013 година продолжи трендот на забавување на растот на вкупните активности на банкарскиот систем на Република Македонија. Забави и растот на депозитите на нефинансиските субјекти коишто имаат најголемо значење за финансирање на банкарскиот систем, но тие и натаму формираат повеќе од две третини од вкупните извори на средства. Притоа, и во 2013 година се тежнее кон штедење на долг рок и во домашна валута.

Носител на кредитниот раст во првиот квартал од годината се кредитите на домаќинствата и кредитите во денари, што соодветствува со трендот на „денаризација“ на депозитната база на банките. Ваквиот тренд на побрз раст на денарските кредити продолжи и во вториот квартал од 2013 година. Во наредниот период се очекува натамошно зголемување на кредитниот раст кон нефинансиските субјекти, под влијание на сигналите за закрепнување на домашната економија и очекувањата за постабилен амбиент. Промените во оперативната рамка на монетарната политика на Народната банка, како и дополнителните промени коишто Народната банка ги направи кај задолжителната резерва во првата половина од 2013 година, се во прилог на ваквото очекување за наредниот период.

Во првиот квартал од 2013 година, се зголеми  кредитниот ризик кај банките, пред сѐ поради ризиците коишто доаѓаат од корпоративниот сектор. Растот на нефункционалните кредити забрза, при што нивното учество во вкупните кредити достигна 11,9% на 31.3.2013 година. Сепак, сѐ уште има целосна покриеност на нефункционалните кредити со вкупната пресметана исправка на вредноста, што ги ублажува последиците од забрзувањето на растот на овие кредити. Исто така, високата капитализираност на банкарскиот систем овозможува и при хипотетичка целосна ненаплатливост на нефункционалните кредити, да не биде загрозена адекватноста на капиталот, ниту на ниво на банкарскиот систем, ниту по поединечна банка.

Ликвидноста на банкарскиот сектор е стабилна и на високо ниво, што се должи на постојаниот раст на ликвидните средства. Високата покриеност на депозитите на населението и краткорочните обврски на банките со ликвидни средства е значаен столб за сигурноста и стабилноста на банкарскиот систем, што се потврдува и со спроведените стрес-тестирања на отпорноста на банкарскиот систем на ликвидносни шокови.

Стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем е двојно поголема од законскиот минимум и изнесува 17,3%, во споредба со 17,1% на 31.12.2012 година. Се очекува натамошно јакнење на капиталната позиција на банкарскиот систем, како резултат на заокружувањето на процесот на реинвестирање на добивката за 2012 година, којшто започна во првиот квартал од годината и на најавите за нови вложувања во субординирани инструменти во банките. Високата адекватност на капиталот, односно силната солвентна позиција на банкарскиот систем е основата за неговата стабилност и отпорност на симулираните шокови.

Советот на денешната седница разгледа и други прашања од својата надлежност.  

 

најчитано сега