Трета Меѓународна летна школа на Економскиот факултет

 

Во рамките на третата Меѓународна летна школа, денеска на Економскиот факултет во Скопје свое претставување имаа реномирани компании од Македонија поддржувачи на школата кои се дел од агендата која предвидува и работа на проектни задачи.

- Општествената одговорност за македонските компании е едно од исклучително значајните прашања во обезбедувањето пристап на европските и меѓународните пазари, истакна професор Леонит Наков.

Тој посочи дека Економскиот факултет оваа тема ја истакнува на највисоко ниво со оглед на нејзиното значење за продорот на македонските компании во градењето на нивната конкурентска предност, особено на меѓународните пазари.

- Овие школи претставуваат практично надополнување на кумулираното знаење на студентите и низ овие предавања ќе се решаваат практични студии на случаи во кои се манифестира разликата на општествено одговорно во однос на општествено неодговорно однесување, поточно сето она што ги чека студентите по дипломирањето, рече  Наков.

Сопственикот на Адора Инженеринг Ванчо Чифлиганец го истакна значењето на летната школа на која студентите ќе се информираат за спојот и допирот помеѓу праксата и теоријата.

- Клучот на успехот е непосредно на проектот или проблемот, посочи Чифлиганец.

Од денеска до 14 август, 20 млади лидери, домашни и странски студенти, во Охрид ќе учествуваат на третата Меѓународна летна школа 2013 „Направи разлика-стани корпоративно општествено одговорен Европски лидер“. Школата ја организираат Економскиот факултет и Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во соработка со интернационалната студентска платформа АИЕСЕК Локален Комитет-Скопје.

На летната школа, која ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ, преку предавања, работилници и работа на проектни задачи зададени од страна на компаниите-поддржувачи на Школата, учесниците ќе ги развијат своите лидерски вештини на полето на корпоративната општествена одговорност.

Учесниците ќе се запознаат со концептот на корпоративна општествена одговорност, а потоа ќе преминат на работа на случај, на темата „Промоција на туризмот - Случајот со град Охрид“. 

најчитано сега