Миноски, Мисајловски и Делев на средба со претставници на СКСЗМ

Во моментов работиме на докомплетирање на изборната програма за претстојните парламентарни избори. Со цел да бидеме инклузивни во процесот остваруваме средби со сите стопански комори за да видиме кои се видувањата на приватниот сектор,  за приоритетите во следниот временски период.

Ова го изјави Кирил Миноски од ВМРО-ДПМНЕ, актуелен министер за финансии, кој заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и заменик-министерот за економија Христијан Делев се сретнаа со претставници на Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ).

Миноски рече дека на средбата имале една плодна дискусија во која биле дадени идеи кои ќе најдат соодветно место во економската програма на партијата за претстојните парламентарни избори. Најави дека во наредниот период како политичка партија ќе одржуваат интензивна комуникација со сите стопански комори, вклучувајќи ја и оваа комора, со цел да добијат непосредни информации за нивните проблеми.

Заменик-министерот Делев истакна дека барањата на оваа комора веќе ги имаат инкорпорирано во нивната претстојна програма.

– Ни претстои една од сигурно најголемите и најобемните програми во историјата на Република Македонија, каде се опфатени многу проекти. Тоа набрзо ќе го видите и со презентацијата на нашата програма, рече Делев.

Одговарајќи на новинарско прашање за зоните во Македонија, нагласи дека ги прават според потребите на инвеститорите, кои наоѓаат одредена локација каде сакаат да се позиционираат.

– Тезата дека ќе се концентрираме во една област не е точна. Во моментов функционираат три зони, а другите се во различни фази на градба. Рамномерно се инвестициите заради тоа што првично и физички не е возможно да бидат на една локација, заради тоа што невработените во Македонија не се само на едно место, во еден град. Затоа и овие зони се направени на цела територија на Република Македонија, онаму каде што имаме најголема стапка на невработеност. Ќе продолжиме со трендот странските компании да ги насочуваме надвор од Скопје, каде стапката на невработеност е поголема, рече Делев.

Претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа информира дека ги изнеле нивните барања и идеи во повеќе области, како судство, даночна управа, царина, транспорт… Смета дека предлозите што ги дале ќе бидат реализирани во одреден временски период.

Хоџа појасни дека дискутирале за зоните, како зоната во Визбегово, за рамномерно инвестирањето во слободните економски зони, за автопатот Скопје-Блаце, како и за решавање и третирање на компаниите кои беа поплавени во зоната на Скопје.

 

 
 
 
03.11.2016 - 19:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега