Вајгл, Флекенштајн, Кукакн: Партиите се подготвени за фер изборна трка

Политичките партии се подготвени за фер и транспарентна трка, а изборите ќе можат да се одвиваат во атмосфера на доверба и транспарентност, е оценката на тројката европратеници Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Еудард Кукан што ја изнесоа на заедничката прес-конференција по средбите во Скопје со лидерите на политичките партии.

-Сите партии покажаа оптимизам во однос на резултатите што ги очекуваат да ги постигнат. Задоволни сме што постои дух на соработка помеѓу двете главни партии и нивните лидери за избегнување инциденти за време на изборната кампања. Имаме добра причина да веруваме дека изборите на 11 декември ќе бидат фер и транспарентни и дека ќе претставуваат почеток на едно ново време за Македонија. По изборите ќе дојде време за признавање на резултатите од нив и продолжување со реформите дефинирани во Пржинскиот договор за што има консензус меѓу партиите, изјави европратеникот Вајгл, кој е и известувач за Република Македонија во Европарламентот.

Тој истакна дека денеска имале средба и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева при што на средбата го повториле интересот и поддршката за оваа институција. – Нагласивме дека е важно СЈО да не бидат согледувани дека држат страна во процесот на избори и периодот пред самите избори, рече Вајгл.

Европратеникот Кукан посочи дека чувството по средбите е дека подготовките за изборите се одвиваат добро и се надева дека така и ќе остане.

– Се надевам дека ќе имате кредибилни избори прифатени од сите политички играчи и дека новата влада веднаш ќе почне со имплементирање на приоритетните реформи со што земјата ќе покаже дека е посветена на евроинтеграциите и ќе почне да се придвижува во таа насока, рече Кукан.

Флекенштајн, пак, потсети дека овие избори ќе бидат набљудувани од ОБСЕ/ОДИХР кои се, рече, добро подготвени за таа цел и дека во процесот на мониторирање ќе бидат вклучени и пратеници и претставници на невладините организации. – Се надевам дека македонските граѓани ќе излезат во голем број на гласачките места и дека тие ќе бидат успешни, истакна Флекенштајн.

Тројката европратеници најавија дека повторно ќе дојдат во посета на земјата една недела по одржувањето на изборите.

 
 
25.11.2016 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега