Милошоски: Ако има нови избори граѓаните ќе бидат свесни за што гласаат
Ако има нови избори, граѓаните ќе знаат, ќе бидат свесни за што гласаат, истакна во Топ Тема на Телевизија Телма, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Затоа што овој пат, ние расправаме за тема, денеска, вечерва која не беше тема пред изборите.Никој пред изборите не збореше за овие работи кои ги дискутираме сега. Тогаш немаше потпишана, заверена декларација или спогодба, посочи Милошоски.
Потенцира дека прифаќајќи ја платформата од Тирана, СДСМ прави бинационална држава.
-Ние ви даваме поддршка, вие терајте граѓанска агенда. Затоа што вие прифаќајќи ја платформата од Тирана правите бинационална агенда. Никој нема против граѓанска Македонија, кохезивна, унитарна и како општество и како држава, подвлече Милошоски.
Според него, ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ некогаш префрлиле што пет албански партии се обединиле заедно за некое прашање на етничка основа, но кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ направиле иницијатива за заеднички настап во Кичево на локалните избори, биле обвинети за национализам.
-Значи не е национализам кога Талат, Зијадин Села, Билал Касами и други ќе се договорат за некое етничко прашање, а тогаш е национализам ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договорат за некој заеднички настап. Затоа мислам дека овде, ние продаваме принципи, но не сме принципиелни. Секој си го штити својот интерес и својот двор и гледа низ етничка призма и таквото гледање низ таа призма етничка се однесува и на претседателот Иванов, вели Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа