Ристо Никовски: Нападот на Сирија треба да биде лекција за Путин, не за Асад

Воздушниот напад на Сирија, без одлука на Советот за Безбедност на ООН е акт на тероризам и потврда дека американската надворешна политика не ја одредува претседателот. Тој е само извршител, вели во интервјуто за Прес24, дипломатот од кариера, Ристо Николвски. 

-Главната улога ја играат тајните служби, воените структури,  корпорациите особено тие од воена индустрија... Сите тие се функционално структурирани во четири институции – Американскиот совет за надворешна политика, Ранд корпорацијата, Трилатералната комисија и групата Брандербург. Во нивните рамки се донесуваат сите главни одлуки. Иако Трамп донесе многу нови личности кои се надвор од овие институции, гледаме дека и тој мора да игра по веќе утврдените ноти, вели Никовски во интервјуто 

Тој смета дека оваа интервенција на САД во Сирија нема да предизвика треа светска војна, бидејќи според него такво нешто нема ниту да има. Но интервенцијата е лекција за Путин.

-Премногу брзо, Трамп е присилен да ги отфрли своите ветувања за подобрување на односите со Русија. Ова значи продолжување на доктрината на Бжежински според која Москва е ѓаволот кој, ако веќе не може да се уништи, мора да се држи изолиран, слаб, преокупиран со самиот себе и околината (Украина)... Овој напад треба да биде лекција за Путин а не за Асад, вели Никовски за Прес24.

Потенцира дека сепак по овој напад очекува заострување на состојбите во Сирија и нов бегалски бран, кој пак може да се одрзи негативно на Балканот поради кризите кои се случуваат овде.

-Со протестите во Србија, каде победата на Вучиќ никој не може да ја оспори, се доби кристална потврда за странското замешатељство. Паднаа во вода смешните објаснувања за некаква спонтаност и други глупости.цСигурно е дека и на Балканот нема да има нови војни. Причина се повторно американските интереси. Со било каква војна, би се отворил патот за враќање на Русија, а тоа најмалку се сака. Арно ама, нема да има ниту мир, вели Ристо Никовски, дипломат од кариера во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: САД го изврши првиот директен напад врз Сирија во веќе шест годишната граѓанска војна. Причина беше ракетниот напад, за кој Асад беше обвинет дека користел хемсико оружје. Она што за светот беше неочекувано е што оваа интервенција на САД се случува во време на новиот претседател, Доналд Трамп, кој тврдеше дека САД веќе нема да се мешаат во внатрешните работи на други држави. Што се случи? Зошто веста за интервенцијата на САД го шокираше светот?

НИКОВСКИ: Ова не е ништо ново. И Обама најавуваше промени, авансно доби и Нобелова награда за тоа, и се’ си остана по старо. Американската надворешна политика не ја одредува претседателот. Тој е само извршител. Главната улога ја играат тајните служби, воените структури,  корпорациите особено тие од воена индустрија... Сите тие се функционално структурирани во четири институции – Американскиот совет за надворешна политика, Ранд корпорацијата, Трилатералната комисија и групата Брандербург. Во нивните рамки се донесуваат сите главни одлуки. Иако Трамп донесе многу нови личности кои се надвор од овие институции, гледаме дека и тој мора да игра по веќе утврдените ноти.

ПРЕС24: Интересен е и моментот што додека траел нападот, Трамп бил на вечера со кинескиот претседател. Истовремено пак за одлуката не бил консултиуран ниту Конгресот? 

НИКОВСКИ: Во основа, ракетниот напад врз Сирија може да се квалификува како – терористички! Тој е надвор од меѓународниот правен поредок, кого на ист начин го игнорираат и терористите кои тераат своја правда, исто како што и САД тераат своја. Ракетирање на друга земја е можно и легално само по одлука на СБ на ООН а такво нешто нема. Се’ друго е тероризам. Согласноста на Конгресот е американски внатрешен проблем кој другите не ги засега.

ПРЕС24: Многумина светски аналитичари оваа интервенција ја споредуваат со нападот на Ирак и воедно ја квалификуваат како почеток на трета светска војна? Колку ова е логично?

НИКОВСКИ: Трета светска војна нема да има. Иако звучи парадоксално, “заслугата“ за тоа ја има нуклеарното оружје. Двете најголеми воени сили, САД и Русија нема да го дозволат тоа бидејќи меѓусебно ќе се уништат, а тоа секако не е опција. Нема да има ниту мир и во следниот период војните ќе се случуваат главно во Азија. Веќе ги имаме Авганистан, Ирак, Сирија, Јемен...

ПРЕС24: За нападот врз Сирија била известена и Русија, како што пишуваат светските медиуми. Сепак официјално Русија негира дека добила предупредување и настанот го оцени како јасно кршење на меѓународното право. Кремљ побара итна седница на Советот за безбедност на ОН каде ќе се расправа за новонастанатата ситуација?

НИКОВСКИ: Нападот на Сирија е, всушност, почеток на нова и пожестока конфронтација на Вашингтон со Москва. Премногу брзо, Трамп е присилен да ги отфрли своите ветувања за подобрување на односите со Русија. Ова значи продолжување на доктрината на Бжежински според која Москва е ѓаволот кој, ако веќе не може да се уништи, мора да се држи изолиран, слаб, преокупиран со самиот себе и околината (Украина)... Овој напад треба да биде лекција за Путин а не за Асад. Сирија е симболот на руското враќање на меѓународната сцена и ова треба да биде крај на тој првичен успех. Дали и колку тоа ќе успее, тешко е да се оцени. Русија нема лесно да се повлече. Сирија е веќе долго време само колатерална штета.

ПРЕС24: Она што дополнително ги вжештува состојбите во овој дел од светот е реакцијата на Иран, вториот најважен сојузник на сирискиот претседател Асад?

НИКОВСКИ: Сите настани на Блискиот Исток, во случајов во и околу Сирија, се рефлектираат и врз Иран. Техеран сака да игра нагласена улога и ова им е одлична шанса да бидат уште поактивни. Иран е голема и важна земја, со амбиции да биде водечка во регионот. Со оглед на тамошните поделби, тоа ќе генерира само нови конфронтации.

ПРЕС24: Колку овој нов развој на настаните во Сирија може повторно да го поттикне бранот бегалци, бидејќи земјите од балканската рута минатата недела предупредија дека најавите за нов помасовен бегалски бран се реални и државите треба да се подготват за него? 

НИКОВСКИ: Гледано од европски аспект, американскиот нападот може да се смета и како почеток на пожестоки судири во самата Сирија што, неизбежно, ќе значи и нови – бегалци. Отворено е прашањето – дали е тоа американска порака за Брисел? Веќе е јасно дека САД не сакаат силна и просперитетна ЕУ, што е невидена политичка кратковидост. Во тој контекст, бегалците се одлична алатка Брисел да се преокупира со нерешлив проблем а тоа значи и максимална зависност од Вашингтон.

ПРЕС24: Бегалскиот бран за земјите од регионот, меѓу нив и за Македонија е реална закана, но Македонија повеќе од две години се соочува со политичка криза, која сега дополнително ексалира. Може ли политичката криза да се одрази негативно во процесот на контрола на евентуален нов бегласки бран?

НИКОВСКИ: Апсолутно може. Кризата која не тресе и која се продлабочува сигурно ќе се рефлектира и врз соочувањето со новиот бран. Среќа е што претседателот Иванов веќе има одредено искуство и дека неговата позиција му овозможува да го менаџира евентуалниот нов наплив на бегалци.

ПРЕС24: Друг интересен момент се состојбите во Србија по претседателските избори. Иако никој не очекуваше, сега секојдневните протести најавуваат почеток на друга политичка криза?

НИКОВСКИ: Настаните во Србија се одлична потврда дека и нашите шарени идиоти не беа случајни. Во прашање се режии на тајните служби, соросоидите... Ова се само потврди дека Вашингтон не сака силни лидери во регионот, со кои не може да манипулира според своите потреби, и дека тие мора да се рушат. Со протестите во Србија, каде победата на Вучиќ никој не може да ја оспори, се доби кристална потврда за странското замешатељство. Паднаа во вода смешните објаснувања за некаква спонтаност и други глупости.  

ПРЕС24: Како ги оценувате севкупните состојби на Балканот, тука е и Косово, Албанија каде политичката криза е на повидок... Многумина оваа состојба ја оценуваат како пред период на нови сериозни конфликти?

 

НИКОВСКИ: Сигурно е дека и на Балканот нема да има нови војни. Причина се повторно американските интереси. Со било каква војна, би се отворил патот за враќање на Русија, а тоа најмалку се сака. Арно ама, нема да има ниту мир. Што мислите, ако има мир во светот, што ќе прави НАТО? Ќе се распушти? Нема таква шанса. А Балканот е измислен за нестабилност и мешање на другите. Така и ќе продолжи. Преку несреден Балкан и Вашингтон има силна карта во однос на Брисел кој се покажа неспособен да ги решава овдешните проблеми. На тој начин продолжува и американската доминација во регионот. Тоа најмалку и одговара на Македонија.

 

 

 

09.04.2017 - 10:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега