Пандев: Македонија живее за овој настан, да имавме стадион со 100.000 седишта ќе беше распродаден!

 

Горан Пандев е амбасадор на Суперкупот на УЕФА, кој се одржува во Скопје, Македонија. Еден од најуспешните македонски фудбалери во историјата со гордост го најави големиот настан и изјави дека ова е вистински спектакл за нашата земја.

– Суперкупот е огромен настан. Македонија беше дел од Југославија, веќе 25 години е независна, но никогаш немала настан од ваков голем калибар. Навивачите и љубителите на фудбалот првпат ќе имаат шанса да искусат вакво нешто. Се надевам на спектакл – изјави Пандев.

За трофејот ќе се борат екипите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, а Пандев вели дека стадионот во Скопје и да имал 100.000 седишта – ќе бил распродаден.

– Не можевме да посакаме подобар меч. Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед се меѓу најдобрите клубови во светот. Навивачите бараат билет повеќе, сигурен сум дека стадионот да имаше 100.000 места – ќе се распродадеше – додава капитенот на македонската репрезентација.

Прогнозa? Пандев не би можел да даде, затоа што според него ова ќе биде навистина тежок меч на два тима со огромна историја.

– Не би можел да прогнозирам кој ќе победи, затоа што ова е дуел на два супергиганти. Сакам само добар и атрактивен натпревар. Се надевам дека ќе паднат многу голови и дека гледачите ќе уживаат во дуелот на двата тима со голема историја – заврши Пандев.

Македонскиот репрезентативец досега има само еден настап во Суперкупот на УЕФА, кога во 2010 година во дресот на Интер се соочи со Атлетико Мадрид, но не успеа да го крене трофејот, поради поразот од 0-2.

 

 

 

 

08.08.2017 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега