Груевски: ВМРО ДПМНЕ е движење кое треба да ја прави Македонија посилна, поразвиена и да ја движи напред

 

Одиме напред, одиме сложно и заеднички, ќе чекориме гордо и достоинствено, во нашето ново утро, кон новите победи, затоа што граѓаните ја гледаат разликата, затоа што сите вие заедно со секој наш член активист, поддржувач, симпатизер, со сите наши граѓани, сте нашата движечка сила, движечката сила на македонија,ова вечерва го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за време на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ именувана како „Нова Ера“.

-Добро вечер драги пријатели, почитувани претставници на најсилната политичка коалиција во Македонија, драги сограѓани, денес, на 22 септември 2017 година, започнува новото движење кое ќе ја донесе новата ера за Македонија, ера на просперитет, напредок и исполнети ветувања, одговорност достоинство и заедништво. Ера која ќе ја предводи оваа наша коалиција и која ќе покаже на сите и дома и надвор, на сите оние кои се оправдано загрижени или можеби барем малку се скпетични дека да, ние можеме, да Македонија може, Македонија може и мора подобро! Денес ќе се обидам да ви претставам една наша визија за тоа како треба да се развива Македонија и во која насока треба да оди во наредниот период, вели Груевски.

Тој додава дека во отсуство на јасна владина стратегија и план, во време на хаотичност и неспособност која е видлива од секого, ние излегуваме со еден документ, кој што вечерва ви го претставувам, еден патоказ по кој ќе може сите да не препознаваат во идниот период, според кој може сите да не оценуваат, но притоа свесни дека  нашиот збор вреди и има тежина, ние тоа што го ветуваме го исполнуваме и со нас сте на сигурно дека тоа што го нудиме ќе го исполниме.

ВМРО беше едно движење за слобода за Македонија. ВМРО ДПМНЕ е едно движење за создавање на попросперитетна Македонија. ВМРО ДПМНЕ е движење кое треба да ја прави Македонија посилна, поразвиена и да ја движи напред. Оправдано од нас се очекува во моменти на неизвесност да ги повлечеме вистинските чекори и да го покажеме патот. Ние тоа и го правиме. Нашата битка е да се живее достоинствен живот. Нашиот напор е правда за сите. Нашата работа е да се подобри и развие животниот стандард на нашите граѓани и во нашите градови и села. Ние работиме да ги решаваме проблемите на луѓето. Нашата страст но и грижа се повеќе инвестиции, повеќе работни места и повеќе работа за сите. Наш стремеж е подобро образование, подобри здравствени услуги и посовремени градови. Сакаме посигурна и постабилна Македонија. Сакаме да ги оствариме надежите на нашите родители, да отвориме пат за соништата на нашите деца. И затоа велиме – секогаш работа секогаш Македонија, потенцираше Груевски.

 

 

 

 

22.09.2017 - 21:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега