Груевски: Сто пати сум повторил, и уште сто пати ќе повторам, eкономијата е клучна
Ние зборуваме за управување, а не за владеење. Современото управување вклучува владеење на правото; ефикасно управување на јавниот сектор; независно судство, партиципација и континуирана демократизацијата; децентрализација; транспарентност и ширк фронт во борбата против корпуцијата, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на Конвенцијата насловена „Нова Ера“.
-Современото управување подразбира постојано менаџирање во сите сфери на живот и работа кои се од витално значење за граѓаните и одредување на ризици (особено во економијата). Законите кои се носат треба да се прифатени и да им служат на оние на кои се однесуваат. Јавниот интерес како општа, заедничка вредност подразбира рамноправно учество на научна јавност, стручна јавност, културна јавност, политичка јавност. Јавното промислување се одвива, пред сè, во медиумите, но тој го покрива целиот јавен простор во кој се одредуваат темите на дебатите, начините на водење дебати и формите на аргументација, вели Груевски.
Тој потенцира дека ќе покажеме поголема речиси неограничена ширина во процесот на носењето на законите. Општествената група или групација на која се однесува законот мора и ќе биде задолжително консултирана во поширок временски интервал. Ненаметливоста и инклузивноста, најдобрите практики и највисоките меѓународни стандарди ќе бидат главни карактеристики на легислативниот процес.
-Од сето ова што претходно го наведов произлегува односот спрема домот, семејството, спрема имотот и сопственоста, спрема соседот, спрема локалното, спрема околината, спрема татковината. Но и одговорност спрема просторот во кој живееш, работиш, учиш, и се дружиш. А тоа бара почит спрема другите која е поставена токму врз овие релации.Државата треба секој да ја чувствува како свој дом. И тоа чувство треба да се протега на целото општество. И улицата по која одиш на работа или училиште е дел од тој дом. И езерата и планинските врвови. И знамето на државата, грбот на државата и химната на државата. Доаѓаме до најбитното. Сто пати сум повторил, и уште сто пати ќе повторам. Економијата е клучна, рече Груевски.
Тој додава дека затоа велиме економија, економија, економија. Ние сме оние кои ги остваруваат работите и ние можеме и мораме да направиме економијата да расте. ВМРО-ДПМНЕ може тоа да го оствари, нашата визија е следна: Стабилен и реален раст на БДП кој во просек треба да е 4% или повеќе. Ние ова може да го оствариме. Реално!
-Потребен е поголем приход по глава на жител. Според класификациите на Светската Банка во моментот Македонија со околу 5 илјади долари приход по глава на жител Македонија влегува во горниот дел на групата средно развиени држави според приходот. Во 2006та бевме со 3300УСД , па и покрај економските и политички кризи се направи сериозен прогрес. Нашата визија е преку сеопфатен напредок и развој на економијата земјата да влезе во групата на високо развиени земји според приходот со над 12 000 долари по глава на жител, во која група држави сега се Хрватска, Унгарија, Полска, Латвија и други. Oстварувањето на долгорочен и одржлив економски раст, зголемувањето на конкурентноста на економијата и на вработеноста, како и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните се приоритети на економските политики на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа