СДСМ: Одговорноста за вработување на полицаецот ВМРО-ДПМНЕ да ја бара од Чавков
Фактот што полицискиот службеник што изврши грозоморно убиство е вработен од тогашниот министер Митко Чавков е доказ дека лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ нема граници, реагираат од СДСМ преку соопштение.
„Тој факт покажува како ВМРО-ДПМННЕ со години го третирала Министерството за внатрешни работи и под какви критериуми се вработувале припадници на полицијата. Прашањата за подготвеноста на полицаецот и начинот на којшто се вработил во МВР, ВМРО-ДПМНЕ треба да ги адресира до Митко Чавков, човекот кој бил на чело на МВР кога се случило вработувањето“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од партијата посочуваат дека за разлика од вулгарното партизиирање на МВР и поставувањето на партиско-штабски критериуми за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, денес, по процесот на професионализација, Министерството за внатрешни работи работи одговорно и професионално, а секој кој постапува незаконски одговара пред законите.
„Како што е јавно познато, настанот во прилепско е расчистен во најкус можен рок, лицето веднаш било откриено и приведено неколку часа по убиството и со кривична пријава предадено до Основното јавно обвинителство. Согласно законот е превземено се што налага постапката во ваков случај при ваков тип на злосторство.
Времето на злоупотреба на институциите, времето на неказнивост и прикривања на злосторства, заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Денес законот важи за сите подеднакво и секој кој постапува незаконски одговара, без разлика неговата етничка, религиска и партиска припадност и без разлика на професијата што ја извршува“, стои во соопштението на СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа