Арсовски: По референдумот власта се плаши од народот, затоа е донесена одлуката за Груевски
Власта која брани криминал продолжува со политички прогон, стравот од народот и црвениот картон кој го доби е причина за донесената одлука на Апелациониот суд за пресудата на Никола Груевски, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски по одлуката на Апелација да ја потврди 2-годишната казна затвор за поранешниот премиер Никола Груевски.
– Власта која вршеше уцени и закани пред и после референдумскиот ден, која се јавуваше по приватни броеви на членови од ВМРО-ДПМНЕ да излезат на гласање, полнеше кутии, продолжува со истото сценарио на автократско владеење, вака ја покажуваат својата немоќ, народот нема да го заборави предавањето на националните интереси, рече Арсовски.
Арсовски истакна дека нема никакви информации за средба помеѓу Мицкоски и Ахмети. Тој повтори дека партијата останува на ставовите и барањата утврдени на седниците на извршниот и централниот комитет, а тоа се разрешување на актуелниот и избор на нов јавен обвинител, формирање на анкетна комисија и спроведување избори со Пржинска влада.
Арсовски исто така истакна дека засега нема никакви закани до пратениците по однос на гласањето за уставните промени.
– Нема никакви закани, пратеничката група сама потенцираше дека ќе ја почитува волјата на граѓаните која беше јасно изразена на референдумскиот ден, рече Арсовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа