Јанушев: Дека Рашела го прекршила Уставот, вели некој кој што го има прекршено најмалку 100 пати во изминатите три години

Во емисијата на ТВ Тера гостуваше Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев кој што посочи дека власта на СДСМ започна да игра валкани игри пред избори со цел да го избегне фијаското кое што ги очекува на 12-ти април. Лагите на СДСМ веќе не поминуваат кај граѓаните на Република Македонија, а со казната за неработа, лаги и манипулации ќе ги стигне на 12-ти април.

-Има сериозни сомнежи дека СДСМ, Заев и Спасовски нема да избираат начин и средства само за да го ублажат поразот, всушност веројатно несреќна изјава му излета на Спасовски да го потврди тоа. Бидејќи ако некој може да го прави тоа, тоа е секако оној кој што е на власт. Се надевам дека ќе бидат разумни иако не е многу за очекување такво нешто, и дека нема да влезат во валкани игри како што веќе ги гледаме. Еве последниот пример беше кога се обидоа преку лажни вести да објават дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев си поднел оставка, па кога видоа дека тука малку ја утнаа работата, дека всушност не ја поднел, ја депонирал во Влада, па излезе дека сите министри кои биле предложени од ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада се со цел за да ја маскираат на еден начин, да пробаат да ја покријат темата која што излезе со кога и како се среќавал Зоран Заев и со кого и каде се среќавал Вице Заев, појасни Јанушев.

Јанушев додаде дека власта секогаш кога ќе се најде во тесно, кога немаат никаков коментар, тие почнуваат да говорат за Груевски. А, таа тема веќе во јавноста воопшто не поминува.

-Ни се случува да немаме пасоши, и тоа затоа што Оливер Спасовски и неговиот тим во министерството за внатрешни работи не си ја вршеле совесно својата работа. Лагите на СДСМ не поминуваат ниту кај малите деца. Оливер Спасовски беше министер до пред еден месец и доколку имало до пред еден месец пасоши сега ги нема. Зар Наќе Чулев за овој месец дена издаде два милиони пасоши? Мислам смешно е, Спасовски можеше барем да премолчи бидејќи оправдувањето не држи вода, истакна Јанушев.

Јанушев образложи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го спори изборниот резултат. Со оглед на се сепак СДСМ на избори ќе се соочи со катастрофа и фијаско. СДСМ, Заев и Спасовски го прекршија Пржинскиот договор. Самиот Спасовски, Заев, па и останатите министри така некако магично во последните месеци од кога веќе се договорија изборите наеднаш почнаа да не ја користат придавката на нашето име. А, претходно во само една реченица не забораваа едно пет пати да ја спомнат и да ја потенцираат. Така да двојните аршини, овие перфидни игри кои што се играат од страна на СДСМ, значи дека го потценуваат сопствениот народ. А, народот ќе си дојде по своето на 12-ти април.

-За да не ризикуваме и да го остварат сценариото за одложување на избори, не дадовме предлог за нов министер во МТСП. Прво немаше апсолутна никаква потреба да Рашела Мизрахи да биде сменета. Велат дека Рашела го прекршила Уставот, и тоа го вели некој кој што го има прекршено Уставот најмалку 100 пати во изминатите три години, поцрта Јанушев.

Јанушев рече дека не знае зошто некој ќе се налути ако му се укаже дека ја нема сработено или завршено работата како што треба. Едноставно треба да си признае дека е неспособен, дека не заслужува да биде таму каде што бил. А, тоа доволно кажува за какви луѓе станува збор, посочи на власта.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.02.2020 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега