Томовски: Скандалозен тендер од 19 милиони евра на ЕЛЕМ, кој се мести да го добие фирма блиска до власта

Нови скандалозни тендери на ЕЛЕМ за РЕК и рудниците. Објавена е јавна набавка за огромни 19 милиони евра без претходно објавен технички дијалог, односно без проверка на пазарот. 19 милиони евра е голем тендер кој се договара со низа пропусти и низ процедура која отвора сомнеж дека однапред треба да го добие блиска фирма до власта, истакна на денешната прес-конференција Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително станува збор за јавна набавка со краток период за прибирање на понуди од само еден месец, во кој е опфатен периодот на новогодишните и божиќните празници.

Заради краткиот период за подготовка на потребните документи и поднесување на понуди компаниите барале пролонгирање на рокот за поднесување на понуди за 10-20 дена, но од страна на АД ЕЛЕКТРАНИ биле дозволени само дополнителни 6 дена за поднесување на истите. Она што следи потоа, односно на 24.01.2020 година на неполни 7 дена пред крајниот рок за поднесување на понудите, АД ЕЛЕКТРАНИ направиле измена на тендерската документација и тоа во девет делови на постапката со кои се направени големи промени во техничките спецификации кои биле првично објавени, открива Томовски.

Понатаму селективно е бодувањето кое се бара од најдобриот понудувач што укажува на сомнеж дека се мести тендер за блиска фирма до власта. Од вкупно 20 дела на тендерската документација само за дел 1 и дел 2 е предвидено моторот и хидрауликата да се од еден производител, што значи дека доколку не се од истиот производител понудувачот би добил 0 бодови. Доколку ова барање е битно за да се бодува квалитетот на опремата се поставува прашањето зошто истиот не е поставен и за останатите делови каде што има исто и мотор и хидраулика туку само за дел 1 и дел 2?, прашува Томовски.

Симптоматично тоа е што наместо да се бара банкарска гаранција на понудата АД ЕЛЕКТРАНИ на Македонија бараат изјава за сериозност на истата.

Она што заслужува посебно внимание е бараниот услов од компаниите да имаат овластен теренски сервис со сервисна служба и опрема во Република Македонија или истиот да го формираат во рок до испорака на опремата но не подоцна од 6 месеци од потпишување на договор. При тоа треба да се има во предвид дека никаде во Законот за јавни набавки не се пропишани вакви одредби за утврдување на техничката професионалност и способност на компаниите, вели тој.

Јасно е дека ова е тендер од 19 милиони евра кој се мести да го добие фирма блиска до Заев и власта.

Низа пропусти и скандалозни постапки фрлаат темна дамка врз целиот тендер. Затоа бараме итно поништување на тендерот и запазување на сите потребни законски процедури. Бараме да се стопира криминалот, криминалниот тендер и ограбувањето на буџетот на Република Македонија за цели 19 милиони евра, потенцираше Ивица Томовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.02.2020 - 11:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега