Попоски на состаноци на Вишеградската група и ЦЕИ во Будимпешта

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, на покана на неговиот унгарски коилега Јанош Мартоњи, денеска и утре престојува во работна посета на Будимпешта, каде што ќе учествува на министерските состаноци на Вишеградската група и Западен Балкан и на Централно европската иницијатива - ЦЕИ.

Вишеградската група - В4, што ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија, е традиционален поддржувач на европската перспектива на земјите од Балканот. Тоа, како што стои во соопштението на МНР, се потврдува и со одржувањето на редовни есенски состаноци на министрите за надворешни работи во формат В4 и Западен Балкан, на кои учествува и комесарот за проширување на Европската комисија.

Годинашниот состанок во Будимпешта се одржува под капата на Унгарското претседателство со Вишеградската група. Централна тема на состанокот е евроинтеграцијата на земјите од Балканот - предизвиците на патот кон ЕУ, трансформативната моќ на евроинтеграцијата, како позитивно да се влијае на процесот на проширување во ЕУ итн. 

Шефот на македонската дипломатија во Будимпешта ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЦЕИ, во организација на Унгарското претседателство со оваа иницијатива, на тема „Мисијата на ЦЕИ во предвечерјето на 25 годишнината“. На состанокот министрите ќе имаат можност да ги оценат резултатите постигнати во последните две и пол децении и да дадат рефлексија за можната улога на ЦЕИ во иднина.

Предвидено е министерот Попоски да има одделни билатерални средби со повеќе колеги – учесници на состаноците

30.10.2013 - 10:21

најчитано сега