Скопје во виолетова зона: Воздухот вечерва е опасен
Енормно е загадувањето во главниот град вечерва. Густа магла има во сите делови од Скопје, а речиси сите мерни станици се обоени во виолетова боја, која покажува дека концентрацијата на штетните честички во воздухот е опасна.
Најалармантна се ситуацијата во Карпош и во Маџир маало, каде мерните станици покажуваат 513, односно 426 ПМ10 честички во воздухот.
Надвор може да се почувствува и мирис на чад.
Скопјани реагираат на социјалните мрежи, особено на групите на Фејсбук против загадувањето.
Денешното загадување доаѓа само неколку часа откако градскиот татко Петре Шилегов изјави дека е намален бројот на загадени денови.
– Mногу е важно во грејните сезони кога е најголемо загадувањето да успееме да го намалуваме бројот на загадени денови, што е нешто што трета година по ред нас ни се случува. Во просек имаме помалку загадени денови, но тоа никако не значи дека не е загадено, тоа уште помалку и значи дека треба да престанеме да работиме. Напротив треба вака посветено како што работевме изминативе три години да продолжиме и понатаму да работиме – рече денеска на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа