Белорусија распоредува ново оружје
Белорусија сега е вооружена со балистички ракети Искандер и е заштитена со системи за противвоздушна одбрана С-400, објави претседателот Александар Лукашенко.
Тој му се заблагодари на рускиот колега Владимир Путин за испораката на ново оружје како што вети Москва.
„Денеска ги распоредивме системите С-400 и што е најважно, системот Искандер што ни го предадовте, како што ветивте пред шест месеци“, му рекол Лукашенко на Путин на заедничката прес-конференција во Минск.
Путин, како и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, пристигнаа во понеделникот во Белорусија на серија разговори со нивните колеги за економска, воена и енергетска соработка.
На нивната прес-конференција, рускиот претседател откри дека двете земји веќе имаат воспоставено интегриран систем за противвоздушна одбрана и предупредување, чиј клучен елемент се батериите С-400.
Пилотите од Белорусија наскоро ќе поминат обука за употреба на „специјално оружје и специјална муниција“, откри Путин, а потврди Лукашенко.
Иако ниту еден претседател не го употреби зборот „нуклеарна“, Путин посочи дека НАТО ја вовел оваа практика пред неколку децении. Американскиот Стејт департмент одговори на посетата на Путин на Минск, обвинувајќи ја Белорусија дека ја „отстапува својата независност“ на Русија. Белорусија и помага и ја поддржува Русија во „бруталната војна“ во Украина, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Вашингтон и неговите сојузници веќе воведоа санкции кон Белорусија поради конфликтот во Украина. Запрашан дали има одредени „црвени линии“ кои би ги натерале САД да ја сметаат Белорусија за страна во конфликтот, Прајс рече дека САД „ќе продолжат да бидат многу внимателни“ што прави Минск, пренесе б92.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа