Општината Центар: „Центар и пријателите“ – почна предновогодишната забава на „Боемска 1“ во Дебар Маало
Почна предновогодишната забава на улицата Боемска 1 во Дебар Маало. Станува збор за дводневни настани за децата и возрасните, што ги организира Општина Центар заедно со општествено одговорните компании. Улицата Боемска 1 ечи денеска од детските радости, песни и музички настапи, градоначалникот Горан Герасимовски на дечињата им ја честита Нова година и им посака многу здравје, среќа и успеси. На бината ги покани и Дедо Мраз и Спајдермен, кои им поделија пакетчиња на присутните дечиња.
„Ми причинува огромно задоволство што со пријателите и донаторските компании успеавме да го организираме овој настан. Има пресреќни дечиња, родители, баби и дедовци и навистина од нивните лица се гледа дека ова недостигаше. Имавме турбулентна и кризна година, да ја испратиме со песна, а новата 2023 да ја дочекаме со насмевки, позитивна атмосфера и нови очекувања“, изјави Герасимовски.
Предновогодишната забава, која денеска се одржува на „Боемска 1“, е со детска програма, во која учество земаат дечиња од сите градинки во општината, ученици од сите осум основни училишта и деца од хорот и балетската група на Детскиот културен центар „Карпош“. За утре се најавени настапите на Дaц и Александар Митевски, Драган Б. Костиќ, Фиц од „Студени нозе“ и „Тамбураши“. Денеска, освен на присутните деца, пакетчиња беа поделени и во детските градинки во општина Центар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа