Скопјани се гушат и денеска

 

Министерството за животна средина информира дека во Скопје е надминат прагот на алармирање поради аерозагадувањето.

„Во согласност со уредбата за изменување и дополнување на уредбата за гранични вредности за нивоа и видови загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и праговите на алармирање, роковите за постигнување на граничните вредности, маргините на толеранција за гранична вредност, целните вредности и долгорочните цели („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 183 од 14.12.2017 година), во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендираните честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg/m3 во текот на два последователни дена) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, информираме дека тој е надминат на мерните места во Центар и Лисиче“, информираат од Министерството за животна средина.

Во согласност со податоците што ги соопшти Министерството, среднодневните концентрации на ПМ 10-честичките во Центар вчера изнесувале над 175 микрограми на кубен метар, а во средата 198 микрограми на кубен метар. Мерната станица во Лисиче покажала 196 микгрограми вчера и 193 микрограми на кубен метар пред два дена.

Информацијата од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање е доставена до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Секторот за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институтот за јавно здравје и до општините и до Град Скопје.

„Во согласност со заклучоците од записникот од 40-тата седница на Владата одржана на 28.11.2017 година, за Град Скопје стапуваат во сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање“, соопштија надлежните.

29.12.2022 - 15:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа