„Дрисла“: Пожарот е изгаснат, претпријатието продолжува со редовни активности
„Во врска со дезинформациите објавени изминативе неколку денови во некои од медиумите и особено на социјалните мрежи за депонијата ‘Дрсла’, ве известуваме дека ЈП депонија ‘Дрисла’ е единствена санитарна депонија во државата, која работи во согласност со А-интегрирана дозвола и своите работни активности ги извршува во согласност со сите законски прописи за управување со отпад и заштита на животната средина. Истовремено, таа е под целосна контрола и мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина“, велат од „Дрисла“.
„Апелираме правото и слобода на говорот и јавното информирање да не се злоупотребува за ширење лажни вести и невистини на социјалните мрежи од страна на група луѓе, кои го доведуваат во заблуда и паника локалното население дека депонијата ‘Дрисла’ ги загрозува животната средина и здравјето на луѓето, како што се случи денес во раните утрински часови со подметнатиот пожар на депонијата ‘Дрисла’.
Ситуацијата е ставена под контрола од страна на вработените на ‘Дрисла’ и со помош на пожарникарски служби пожарот е изгаснат и претпријатието продолжува со редовни активности. Од страна на полицијата направен е увид и записник и ќе постапува во согласност со своите ингеренции. Воедно, ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детаљно да го истражат случајот и сторителите да бидат најдени и соодветно казнети, а против лицата што шират лаги и дезинформации за депонијата ‘Дрисла’ од страна на претпријатието ќе бидат поведени соодветни постапки“, се додава во соопштението на „Дрисла“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа