До крајот на годината ќе биде објавен тендерот за набавка на електрични автобуси
До крајот на годината треба да биде објавен тендерот за набавка на електрични автобуси кои ги најави Владата. Премиерот Христијан Мицкоски одговарјаќи на новинарско прашање рече сега се подготвува тендерската документација и се подготвуваат условите по кои ќе се бара добавувач на помеѓу 100 и 120 електрични автобуси.
-Го скенираме пазарот, гледаме каде има, колку има заинтересирани. Ќе биде тоа тендер, секој оној којшто цени дека треба да се пријави, нека пријави. Ќе ги дефинираме и условите на плаќање. Условите ќе бидат такви, да почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина од 2028 година, на осум полугодишни рати, што ќе рече, во период од четири години, или со период од три години грејс период, објасни Мицкоски.
За да се наполни еден резервоар, потребни ќе бидат 2 и пол часа. А со едно полнење ќе може да поминат помеѓу 300 и 400 километри.
Мицкоски веќе најави набавка на помеѓу 100 и 120 електрични автобуси кои главно ќе завршат за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, но ќе бидат поделени и во другите градови кадешто има организиран јавен превоз. Според сегашните најави, најверојатно тоа ќе се дели 70-50 или 80-40, во зависност од потребите на градовите кои имаат јавен превоз.
Според Мицкоски, набавката на електрични автобуси ќе значи и намалување на аерозагадувањето, во онаа мера во која дозволуваат самите автобуси.
-Мислам дека кога тие ќе се појават на улиците ширум градовите низ државата мислам дека драматично и загадувањето ќе се намали. Во онаа мера во којашто тие можат. И навистина тоа ќе значи добар имиџ за нас како држава дека и ние во Македонија конечно имаме електрични автобуси кои сообраќаат, по конкурентни цени, зашто можеби имало во минатото, но знаете тие беа проследени со многу сомнежи за криминал и корупција, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа