МЕПСО распиша нов тендер за 400 kV конекција со Албанија

 


АД МЕПСО денеска објави меѓународен тендер за изградба на 400-киловoлтната конекција со Албанија, проект за комплетирање на регионалниот енергетски коридор Исток-Запад од клучно значење за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на државата. Новиот тендер е објавен откако претходниот изведувач преку неоправдани барања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес поради што беше раскинат договорот со него.

Со тендерот се  предвидува изградба на 100-тина километри надземен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од околу 17 милиони евра, финасирани преку заем и грантови од ЕБОР и европските фондови. Рокот на доставување на понуди е 45 дена, а се очекува во третиот квартал од годинава да биде избран најповолниот понудувач. Реализацијата на проектот треба да почне на почетокот на следната година, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.

-Изградбата на овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како суштински дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилно учество на регионалните пазари, пристап до системски балансни услуги и обезбедување на посигурно, поекономично снабдување за сите граѓани, рече генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека со тоа се потврдува амбицијата земјава да стане стратешки енергетски јазол на Балканот.

Изградбата на новиот интерконектор, додаде, ќе значи значајно зголемена отпорност на преносната мрежа со минимизиран ризик од прекини и ценовни шокови, отворен простор за приклучување на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, стратешка интеграција на регионалните и европските пазари што долгорочно ќе придонесе за стабилни, достапни и конкурентни цени на електричната енергија.

-Веќе се исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач Енергоинвест од кои околу два милиони евра се вратени преку банкарските гаранции. Не би рекол дека има финансиски реперкусии, бидејќи исплатените средства се отидени за набавка на опрема која е наша сопственост и е околу 50 проценти од опремата која ни треба за целосна реализација на проектот. За да потврдиме дека опремата и квантитативно и квалитативно е на ниво, ангажиравме стручни лица од Машински и Електро факултет кои тоа го потврдија, рече Љатифи во одговор на новинарско прашање.

Ангажирани беа, како што кажа, и дополнителни стручни лица, консултанти и адвокати за да се дојде до одлуката за прекинување на соработката и распишување на нов тендер.

-За да дојдеме до одлуката ги консултиравме сите сериозни чинители и на крај одлучивме да го раскинеме договорот зашто имаше неосновани финансиски побарувања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот и условување со зголемени финансиски средства. Сето тоа е во спротивност со договорот и затоа тоа е основниот и најголемиот аргумент за негово раскинување. Освен тоа од 2020 година до сега затекнавме реализација на само 24 од вкупно 269 столбови, што јасно укажува дали имало сериозност во изведувањето и завршувањето на проектот или не, потенцира  Љатифи. 

Прецизира дека се очекува тендерот да заврши во третиот квартал од годинава кога треба да биде избран изведувачот, изведбата на проектот да започне на почетокот од 2026, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.

28.04.2025 - 12:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега