Иванов му испрати писмо на Владимир Путин

 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација, упати писмо до претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

- Господине Претседателe, Ви се обраќам во пресрет на еден многу значаен датум за историјата на односите меѓу нашите две пријателски држави. Имено, 31 јануари е денот на кој, пред точно 20 години, беа воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација. Од тогаш, сведоци сме на континуирани заложби во градењето на државните односи во сите области од заемен интерес и во зајакнувањето на пријателството меѓу нашите граѓани, вели Иванов во писмото.

Во изминативе дваесет години, додава Иванов, можам да констатирам дека вкупните односи и соработката меѓу двете пријателски земји достигнаа ниво од кое можеме да бидеме задоволни. Во основата на цврстите билатерални односи лежи високиот степен на политички дијалог на сите нивоа. И во оваа пригода сакам да Ве уверам дека во духот на воспоставеното пријателство, меѓусебното разбирање и заемното почитување, во согласност со долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, како и економските интереси кои претставуваат заеднички императив, Република Македонија, како и досега на развојот на односите со Руската Федерација ќе придава највисоко внимание.

-Подготвен сум заедно со Вас, преку размена на посети, средби и личен пример, и понатаму да даваме заеднички придонес и поттик за соработка како на политичко ниво, така и во областа на економијата, енергетиката, трговската размена, инвестициите, културата, туризмот, образованието и сите останати области. Тоа се воедно сфери на соработка во кои постои сè уште недоволно искористен потенцијал, и сфери во кои ценам дека можеме да бидеме партнери, едноставно сфери кои треба да ги одбележат следните декади во нашите билатерални односи. Приклучувањето на Република Македонија кон Јужен тек, претстојната гасификација на земјата, а кое е резултат токму на заложбите и посветеноста на властите од двете земји, претставува добра основа во таа насока, стои во писмото на претседателот Иванов.

28.01.2014 - 11:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега