„Русија 20 години е пријател и партнер на Македонија" - Иванов испрати писмо до Путин

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска испрати писмо до претседателот на Русија, Владимир Путин. Во писмото, шефот на државата по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, истакнува дека сиве овие години Русија се покажала како пријатели  партнер на Македонија.

- Ви се обраќам во пресрет на еден многу значаен датум за историјата на односите меѓу нашите две пријателски држави. Имено, 31 јануари е денот на кој, пред точно 20 години, беа воспоставени дипломатските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација. Од тогаш, сведоци сме на континуирани заложби во градењето на државните односи во сите области од заемен интерес и во зајакнувањето на пријателството меѓу нашите граѓани, вели во писмото претседателот Иванов.

Иванов додава и дека во основата на цврстите билатерални односи лежи високиот степен на политички дијалог на сите нивоа.

Подготвен сум, вели македонскиот претседател, заедно со Вас, преку размена на посети, средби и личен пример, и понатаму да даваме заеднички придонес и поттик за соработка како на политичко ниво, така и во областа на економијата, енергетиката, трговската размена, инвестициите, културата, туризмот, образованието и сите останати области.

- Тоа се воедно сфери на соработка во кои постои сè уште недоволно искористен потенцијал, и сфери во кои ценам дека можеме да бидеме партнери, едноставно сфери кои треба да ги одбележат следните декади во нашите билатерални односи. Приклучувањето на Република Македонија кон Јужен тек, претстојната гасификација на земјата, а кое е резултат токму на заложбите и посветеноста на властите од двете земји, претставува добра основа во таа насока, нагласува претседателот Иванов во писмото испратено до Путин по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи.

28.01.2014 - 12:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега