Ставревски: Зголемувањето на минималната плата е историски успех

На последната владина седница се усвоени измените на Законот за минимална плата. Според измените од март годинава треба да започне тригодишното зголемување од сегашните 8.050 денари на 10.080 денари.

Од Владата очекуваат дека законот со кој се предвидува зголемување на минималната плата доследно ќе се применува затоа што е донесен во консултација со сите социјални партнери.

 - Со оглед на опсежнста на дијалогот и начинот како се дискутираше за прашањата и согласноста како е постигнато зголемувањето на миниманата плата, нема причина да не веруваме дека ќе се спроведува законот, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната заедничка прес-конференција со синдикатите и работодавачите.

Ставревски нагласува и дека зголемувањето на минималната плата се прави во време кога Македонија има најниско ниво на невработеност и кога се креирани над 100 илјади нови работни места.

- Овој историски успех е во време кога имаме историско најниско ниво на невработеност од 28 проценти која што успеавме да ја намалиме од 38 проценти во 2006 година. Сите овие заложби на Владата резултираа и со отворање на над 100 илјади работни места што покажува дека во услови на криза и рецесија во Европа, Македонија е земја во која политиките се добро поставени што го потврдуваат и меѓународните финансиски институции и резултатите на терен, подвлече Ставрески.

Според Владимир Пешевски, ова е јасен доказ за ориентираноста на Владата, да биде во постојана комуникација со синдикатите и компаниите и да разговара за сите предизвици.

Синдикатите и работодавачите се задоволни од законското решение и се надеваат дека тоа ќе се применува во пракса.

- Иако имаше скептицизам дека социјалните партнери ќе утврдат минимална плата, тоа го направивме со историскиот договор во 2011 година, а денес во услови на криза успеавме да се договориме и да ја зголемиме минималната плата. Во услови кога секаде имаме драстично намалување на платите и на работните места, Македонија е пример за институционален социјален дијалог кој дава конкретни резултати, рече претседателот на Сојузот на синдикати Живко Митревски.

Во март годинава минималната плата ќе изнесува од сегашните 8.050 денари на 8.800 денари, во март 2015 година - 9.590 денари, а во март 2016 година ќе достигне 10.080 денари.

28.01.2014 - 14:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега