Велосипедист заврши во болница -тешка несреќа на патот Струга-Подмолје
Во сообраќајна незгода што се случи вечерва околу 18 часот на регионалниот пат Струга-Подмолје едно лице e тешко повредено.
Како што информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, несреќата се случила во близина на селото Милешево кога автомобил удрил во велосипед.
- Од силниот удар тешко е повреден велосипедистот и веднаш е пренесен во болница. Увид на лице место направи екипа на СВР Охрид и се работи на утврдување на причините поради кои дошло до несреќата, вели Димоски.
Директорот на специјалната болница за ортопедија и труматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, доктор Митко Тилевски потврди дека пациентот бил донесен во бессознание со тешки повреди.
- Пациентот е донесен во бессознание. Тој има повреди на главата со масовно крвавење и отворена фрактура на потколеницата. Врз него се извршени компјутерска томографија и рендген снимање, но поради тоа што е во критична општа состојба, со возило на Брзата помош е пренесен во Скопје, појасни доктор Тилевски.
Ова е втора сообраќајка во Струшко што се случи за нецели 24 часа. Во судир помеѓу две возила кај месноста виката Мороишки Мост, пред Струга, синоќа со лесни повреди поминаа родители и нивните две ќерки, а едно лице претрпе и психички стрес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа