Падна притвор за бомбата во Тетово
Тетовската полиција поднесе кривични пријави против Н.К.(46) и неговиот син Н.К.(28) како осомничени за предизвикување на вчерашната екплозија во ромската населба кај реката Пена во Тетово во која беа повредени пет лица, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Против Н.К. полицијата поднела кривична пријава за недозволена изработка, поседување и трговија со оружје и распрскувачки материјали додека за синот освен за истото дело поднесена е пријава и за предизвикување општа опасност.
Од страна на судија во предистражна постапка на двајцата им е определен и притвор во траење од по 30 денови.
При синоќешниот претрес на нивниот дом беше пронајдена и граната за рачен ракетен фрлач по што и таткото и синот беа приведени и задржани во полиција. Утрово таму беше повикано и 15 годишно лице поврзано со овој случај но од обвинителството најавија дека утре ќе извршат разговор со него во присуство на неговата мајка и претставници на центарот за социјални грижи по што ќе се знае дали и каква постапка ќе се води за него.
Во вчерашната екплозија беа повредени пет деца на возраст од 10 до 14 години кои играле на улицата, при што две девојчиња на возраст од 11 и 14 години по укажаната помош во тетовската клиничка болница со сериозни повреди по телото и нозете но во стабилна состојба итно беа препратени на клиниките во Скопје. Од останатите три повредени деца, две се пуштени на домашно лекување, а едно беше задржано во тетовската болница
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа