ЕК: Македонија лани со втор најголем раст на БДП во Европа
Според зимската економска прогноза на Европската комисија, економскиот раст на Република Македонија бил меѓу најголемите во Европа минатата година, пишува МИА.
Во Прогнозата која денеска ја презентираше комесарот за економски прашања и монетарна политика, Оли Рен, се наведува дека Македонија лани остварила раст од 3,2 проценти на Бруто-домашниот производ (БДП), што е идентично со Литванија, додека само Романија имала поголем раст (3,5%).
Инаку, Европската унија во 2012 година, според прогнозата на Еврокомисијата, била во дефицит од 0,4 проценти, лани завршила со раст од само 0,1 индексни поени, додека за оваа година е предвиден раст од 1,2 отсто. За идната година, пак, растот на ЕУ ќе биде точно два проценти на Бруто-домашниот производ (БДП). Откако, пак, лани, Еврозоната завршила во рецесија со минус од 0,4 проценти на БДП, годинава, сите земји што го користат еврото како валута се предвидува дека ќе остварат раст на БДП од 1,2 отсто, додека за 2015 година се предвидува раст од 1,8 проценти.
-Според прогнозата на неформалната Влада на ЕУ, растот на БДП на македонската држава, годинава се очекува да изнесува 2,5 проценти, а догодина 2,6 отсто од БДП. Од дрга страна, пак, единствени земји што се членки на ЕУ, а кои и годинава е предвидено да останат во рецесија се Кипар, за кој се очекува оваа година да има дефицит од 4,8 проценти на БДП и Словенија, чиј БДП годинава ќе има минус од 0,1 отсто. Сепак, овие две земји се очекува да излезат од рецесија веќе идната година, кога за Кипар е предвиден раст од 0,9 проценти, а за Словенија раст од 1,3 отсто на БДП. Интересно е дека Европската комисија прогнозира дека Грција, првпат по подолго време, годинава ќе излезе од рецесијата и се очекува да заврши со раст од 0,6 проценти, а догодина да стигне до раст од 2,9 отсто на БДП. Најголем раст од сите ЕУ-земји, пак, годинава се очекува да оствари Летонија (4,2% на БДП), а да биде предводник и во 2015 година со 0,1 индексен поен повеќе од годинешниот раст. Оваа земја ја следи нејзиниот балтички сосед Литванија со очекување за раст на БДП од 3,5 проценти оваа година, односно 3,9 отсто догодина, пишува МИА.
Во однос на невработеноста, Комисијата посочува дека 28,9 отсто од работоспособните лица во Македонија, минатата година биле без работа. Но, во прогнозата се посочува дека е позитивен трендот на зголемување на работните места и дека годинава се очекува процентот на невработени да падне на 27,8 проценти, додека во 2015 година, стапката на невработеност да биде 26,9 отсто, што во споредба со 2010 година (31,8%) е обезбедување на работно место за пет проценти од невработените во Македонија.
Комисијата очекува намалување на невработеноста и во ЕУ, Еврозоната и кај сите земји-членки. Грција, која лани достигна рекорден процент на невработенст од 27,3 проценти, годинава се очекува да ја намали невработеност на 26,0 отсто, а во 2015 година да дојде до 24,0 проценти невработени од сите работоспособни лица во земјата. Според прогнозите, идната година, Шпанија ќе биде земјата со најголем процент на невработени (24,6%), иако лани имаше 26,4 проценти, а годинава се очекува да има 25,5 проценти лица без работа.
Во ЕУ, пак, невработеноста лани била 10,9 проценти, годинава се очекува да падне за само 0,2 индексни поени, а во 2015 година да дојде до 10,4 отсто. Во Еврозоната, пак, ланскиот процент од 12,1 отсто невработени, годинава се очекува да падне на рамно 12 отсто, додека идната година би требало да продолжи да се намалува до 11,7 проценти.
Комисиајта пргнозира зголемување на јавниот долг, кој лани бил 35,4 проценти од БДП, годинава се очекува да достигне 37,4%, а догодина 38,9 отсто од БДП, со тоа што е се уште речиси двојно под дозволениот минимум од страна на Унијата кој изнесува 60% од БДП. Радува и прогнозата за намалување на буџетскиот дефицит од ланските минус четири отсто на БДП, за годинава се предвидува дека ќе изнесува 3,8%, а во 2015 година дека ќе достигне 3,8 проценти.
Со наслов “Закрепувањето стекнува цврсто тло и покрај послабите инвестиции”, Еврокомисијата во зимската економска прогноза за Република Македонија посочува дека економското закрепнување зајакнало во првите три квартали од 2013 година и тоа било поддржано од силниот придонес од нето-извозот. Наведено е дека и покрај извонредното собирање во приватната потрошувачка, домашната побарувачка имала само мал придонес во растот, со оглед на според ЕК, големиот пад во инвестициите. Во согласност со проектираните движења на Директните странски инвестиции (ДСИ), се очекува пресврт годинава и во 2015 година, со повторно зајакнување на инвестициите и странската рамнотежа да го повлече растот.
Со издвојување на податокот дека поддршката од надворешниот сектор придонела за цврсто закрепнување минатата година, Комисијата во прогнозата наведува дека слабото заздравување на растот на производството што започнал во втората половина на 2012 година, стекнал цврста основа во првите три квартали од минатата година.
- Реалниот БДП се зголеми за 3,2 проценти во однос на претходната година, со тоа што нето-извозот и приватната потрошувачка се двигатели на растот. Спротивно на претходните официјални проценки, бруто-капиталот опадна во секој од трите квартали, на годишно ниво, вкупно 15 отсто годишно. Стимулирана од поддржаните фискални мерки, приватната потрошувачка се зголеми за акумулирани 5,1 отсто во првите три квартали. Поддржано од страна на бенигната надворешна средина и новите директни странски инвестиции, нето-извозот на стоките и услуги, прв пат позитивно придонесе за раст на производството во 2010 година. Меѓу секторите, градежната индустрија во голема мера го надмина производството и бележи раст од 33 проценти во текот на годината, со просечната стапка на раст од 4,8% во 2012 година, се наведува во најновата економска прогноза на ЕК за Македонија.
Сепак, Еврокомисијата прогнозира дека овој раст тешко ќе се одржи. Проценката е дека профилот на раст повторно ќе се промени во иднина, со обновено кревање на бруто-инвестициите и понатамошните придобивки со превземање на водството од страна на потрошувачката на домаќинствата. Според Комисијата, јавните и странски директни инвестиции се очекува да се зголемат, во комбинација со постепено јакнење на кредитната екстензија во корпоративниот сектор. Потрошувачката на домаќинствата се очекува да постави еластични стапки на раст на хоризонтот, во согласност со очекувањата за приходот од еднократна употреба, што според прогнозата на ЕК, произлегува од позитивниот тренд за вработување, повисоки социјални трансфери и стабилните дознаки од странство.
- Со очекувањето на нови странски инвеститори да започнат производство, оваа прогноза очекува обновено зајакнување на увозната побарувачка. Без оглед на понатамошното подобрување на главните извозни пазари, се очекува постепено влошување на балансот на стоки. Оттука, нето-извозот ќе влијае негативно на двете години. Ова повлекување може да излезе големо, доколку директните странски инвестиции, како главен извор на извозот на земјата, се развиваат помалку енергично од што се очекува, се наведува во прогнозата за Македонија.
Понатаму, ЕК за нашата земја прогнозира дека слабата стимулација на пазарот на трудот ќе продолжи потпомогната од страна на цврстото закрепнување и официјалните програми за вработување, со оглед на тоа што, според Комисијата, бројот на невработени се намалил за 4,5 отсто на крајот на септември 2013 година, а во според со претходната година. Комисијата наведува дека со значително помалото зголемување на работната сила, стапката на невработеност се намалила од 30,6% на 28,7 проценти. Се посочува дека бројот на вработени се зголемил за четири проценти, со што стапката на вработеност достигнала 40,8 отсто, со речиси никаква промена со целокупното население на работоспособна возраст.
Сепак, ЕК предупредува дека стапката на невработеност на младите лица од 15 до 24 години останала непроменета и изнесува 52 проценти во текот на ланската година. Примарно, како што се вели во прогнозата, водена од очекуваното собирање од јавните и странски директни инвестиции, како и со продолжување на активната политика на пазарот на трудот, вработувањата се очекува да продолжат, но не со силно темпо, додека стапката на невработеност се очекува да продолжи да се намалува.
Во однос на тековната сметка, Комисијата вели дека се уште е избалансирана, но дека се влошува. Се вели дека додека дефицитот на тековната сметка малку се намалил минатата година, како резултат на подобрување на трговскиот баланс и покрај пониските приватни трансфери. Прогнозата очекува таа да се влоши повторно поради обновеното проширување на дефицитот на стока.
- Потребата за надворешното задолжување за финансирање на дефицитот на тековната сметка беше ублажена во 2013 година од страна на обновеното собирање на директните странски инвестиции и е веројатно дека така ќе остане во текот на идните прогнози. На крајот од третиот квартал, приливите на странските инвестиции достигнаа 3,3 отсто од акумулираниот БДП, во споредба со 0,9% во исто време во 2012 година. Со оглед на повеќе бенигните инвестициски трендови на главните трговски партнери на земјата и активното вработување на Владата, прогнозата очекува инвестициите да продолжат да се зголемуваат, се наведува во прогнозата на неформалната Влада на Европската унија.
На крајот од прогнозата за Република Македонија, Комисијата препорачува понизок дефицит со цел одржување на јавниот долг. Па, така, се наведува дека општиот владин дефицит за 2013 година бил ревидиран есента од 3,6% на 3,9 отсто по носењето на ребалансот на буџетот. Во поглед на предвидените мерки за консолидирање, прогнозата очекува дефицитот постепено да се движи околу 3,6 проценти во 2015 година. Во однос на владиниот долг, Комисијата посочува дека откако истиот скокнал до 34% од БДП во 2012 година, долгот на општата влада се зголемил “за нешто помалку во текот на минатата година”.
- Сепак, вкупниот јавен долг, кој го вклучува и долгот на претпријатијата во државна сопственост, јавните агенции и јавните финансиски институции, најверојатно ќе биде значително повисок. Тоа, исто така би го опфатило и новоформираното Јавно претпријатие за државни патишта преку кое Владата ќе ги канализира значајните трошоци за патна инфраструктура, а кое може да позајмува во свое име со долг гарантиран од страна на Владата, наведуваат од Еврокомисијата.
На крајот од оваа зимска економска прогноза, во однос на Република Македонија се закучува дека “со цел долговите на општата влада да се стабилизираат, фискалниот дефицит би требало да се намали посуштински отколку што е таргетиран”. Според Комисијата, ова е веројатно да се покаже тешко со оглед на неодамна спроведеното зголемување на пензиите, кревање на јавните плати за оваа година, како и зголемување на социјалните трансфери.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа