Попоски: ЕК ја повтори препораката за почеток на преговори, сега топката е кај Европскиот совет

 Веќе пет години се потврдува дека Република Македонија е подготвена да ги започне преговорите за членство во Европската унија и ова е уште една потврда дека неправедно сме задржани пред почетокот на овие преговори.

Ова во изјава за дописникот на МИА од Стразбур го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој во Европскиот парламент во Стразбур ја проследи објавата на Специјалниот извештај на Европската комисија, што го претстави комесарот за проширување Штефан Филе.

Според Попоски, овој извештај е и значајна порака до сите наши соседи, особено оние кои се дел од ЕУ, за потребната енергија. која треба да ја потрошат за градење на европски тип на односи меѓу нашите земји и да покажат конструктивна поддршка за понатамошниот процес на проширување.

Шефот на македонската дипломатија вели дека се согласува со Комисијата дека нашиот фокус треба да остане на се она што ќе ни биде значајно и во самиот процес на преговорите и на овој начин да го скусиме тој период потребен по отпочнувањето на официјалните преговори преку посветеност на реформите поврзани со Пристапниот дијалог на високо ниво.

- Комисија останува на препораката од октомври за почеток на пристапните преговори што е констатација што ЕК ја повторува од 2009 година и што е огромен придонес за нас во услови кога бевме соочени со отворено саботирање и попречување на почетокот на преговорите. Сега топката е префрлена во Советот на Европската унија. Мислам дека е време во услови на соочување со сериозни финансиски и економски проблеми во Унијата, земјите од нашиот регион кои се дел од ЕУ да покажат ниво на свест кое ќе биде во интерес на сите граѓани, и во нивните земји и во соседството, а да не бидат водени само од себичен интерес за користење на можноста на блокирање кога се земја-членка на Европската унија. Таа порака на ЕУ мора сите заедно да ја споделиме, констатира македонскиот министер за надворешни работи.

Попоски, кој пред неколку моменти го заврши својот настап пред членовите на Паневропската унија во Европарламентот во Стразбур, вели дека во оваа значајна група во Унијата очигледно се чувствува определено ниво на фрустрација од тоа што Република Македонија не може да напредува на евро-атлантскиот пат и таа фрустрација ја делат и граѓанита на Македонија оти неправедно им е ускратено правото да напредуваат на тој пат.

- Сметам дека мораме со доза на прагматичност да гледаме на ваквото условување, да гледаме овој период да го посветиме на посуштински и подлабоки реформи и напредок на сите оние поглавја значајни за нас. Да не дозволиме определена, наметната блокада да ни го дефокусира нашето внимание. Во рамки на Паневропската група има луѓе кои се длабоко убедени дека обединувањето на европскиот континент е тоа што ни дава најдобра можност за развој, просперитет и стабилност. Во Македонија тоа можеме со сигурност да го потврдиме, истакна Попоски.

Тој вечерва со останатите министри за надворешни работи на земјите од Западен Балкан ќе вечера заедно со еврокомесарот Филе, а утре продолжува на средби со високи претставници на Унијата во Брисел.