Османи: Со ВМРО-ДПМНЕ работиме на две патеки за уставните измени, Бугарија не може да постави нови услови
За да се дојде до уставни измени со ВМРО-ДПМНЕ се работи на две патеки. Во однос на евроинтеграциите, Бугарија не може да поставува нови услови зашто Преговарачката рамка е затворена.
Вакви пораки денеска испрати министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања на Преспа – Форумот за дијалог, што се одржува во Струга.
Во однос на преговорите со опозицијата, Османи рече дека се преговара во ВМРО-ДПМНЕ во целина, додека другата патека на која се работи се разговори со пратениците поединечно. Рок за договор, вели, има додека да дојде моментот за прво гласање во парламентот.
„Работиме на две паралелни патеки – со опозицијата во целина и, се разбира, со пратениците во Собранието како се отвора јавната дебата таму. До денот кога на пленарна седница ќе го има првото гласање отворени се опциите да има договор со опозицијата по однос на уставните измени, вклучувајќи го и планот од три точки што го претставив. Јас се надевам дека во наредниот период од Влада до Собранието ќе биде препратен драфтот, односно предлогот од страна на Комисијата и тука ќе почнат да се бројат роковите. Знаете дека треба прво Комисија да разгледа, па 10 дена предлогот треба да се седи кај пратениците и така да поминат одредени уставни рокови за да се дојде до првото гласање. До првото гласање имаме шанси за договор со опозицијата“,рече Османи.
Одговарајќи на прашање од бугарски новинар во врска со тоа дали резолуцијата што денеска треба да ја изгласа германскиот Бундестаг, може да се толкува како откажување на Бугарија од нови барања, шефот на дипломатијата посочи дека таа не може да поставува нови услови затоа што Преговарачката рамка е затворена. Таа, рече Османи, не може да се отвори ниту по барање на нашата ниту на бугарската опозиција.
„Бугарија не може да постави нови услови затоа што Преговарачката рамка е затворена. Се што има, има таму. Отворање на Преговарачката рамка ниту може на нашата ниту на вашата опозиција. Така што таа тема треба да ја затвориме дека утре може некоја бугарска влада да каже дека имаме нов услов. Немаме нов услов, затворена е Преговарачката рамка. Во Преговарачката рамка има три патокази, во едниот има акциски план за малцинства, тоа е единствениот услов кој е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање поглавја. Тој акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку на сите заедници во државата. Се разбира, тука ќе треба да се исполнат сите тие услови во однос на еднакви права на сите тие граѓани независно од етничка припадност“, рече Османи.
Тој додаде дека тука се и договорите со Грција и со Бугарија, но тие се влезени во генералниот дел за добрососедските односи, а ги нема во патоказите.
„Меѓутоа, ние не се надеваме дека со Бугарија ќе одиме со калкулатор. Се надеваме дека ќе изградиме односи каде добрата волја ќе го води процесот, ќе создадеме разбирање еден за друг, почит и дека нема да бидеме двете страни со калкулатор во рака и да процениме кој што направил“, додаде Османи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа