Пендаровски: Политиката и говорот на омраза од радикалните структури можат да резултираат со трагични последици

 

Претседателот Стево Пендаровски вели дека неодамнешното двојно грозоморно убиство на површина го извлече фактот дека дел од радикалните структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

Пендаровски, како што се наведува во соопштението, посочил дека времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава и дека за жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.

-Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации, истакнал Пендаровски вчеравечер во обраќањето на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тој потсетил дека во времето на еуфоријата на градење на етнички држави ние донесовме устав кој почива врз граѓански основи, но и со изразен сензибилитет за мултикултурниот карактер на македонското општество.

- Токму оваа стратешка одлука во 1991 година беше еден од најважните аспекти што ни помогна да ја избегнеме војната, а новата држава да добие поширока меѓународна верификација и легитимитет, додал Пендаровски.

Според него, Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа.

Клучен дел од договорот, како што вели Пендаровски,  е заштитата и промоцијата на правата и идентитетот на сите заедници, независно од нивната бројност или политичка претставеност. И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина.

-Сепак, времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации, истакнал шефот на државата. 

11.12.2023 - 10:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега