Петровска за Сител: Борбената способност на македонската Армија никогаш не била намалена, напротив таа се зголемува со набавката на нова опрема
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Тема на денот во централните вести на Сител Телевизија говореше за теми поврзани со одбраната како одбранбениот буџет, процесот на модернизација, безбедносната состојба во регионот, како и за вклучувањето на армиските припадници во поддршка на Министерството за внатрешни работи на подрачјето на казнено-поправниот дом Идризово и случајот со земањето на поткуп за напредување во службата.
Секој потрошен денар во буџетот на одбраната, потенцираше Петровска – не е трошок, туку е инвестиција во одбраната. Одбранбениот буџет расте и следната година ќе достигне 2 проценти од бруто-домашниот производ, а уште поважно е дека една третина од овој буџет се користи за модернизација и опремување на Армијата.
„Изминатиот период буџетот на Министерството за одбрана и Армијата драстично расте, особено 2018 година наваму и ние 2 проценти за одбрана ќе достигнеме следната година. Но, она што е поважно, а е поврзано со борбената готовност е тоа дека над 30 проценти од буџетот се инвестираат токму во купување на опрема и вооружување. Станува збор за комплицирана опрема за која е потребно подолг временски приод да биде изработена, и затоа е многу важно да постои однапред добро подготвен план како ќе се движи развојот на одбраната и во кој капацитет ќе ја зајакнуваме, за да се обезбеди доволно финансиска поддршка“, рече Петровска. Информираше дека во однос на набавките на повеќенаменски хеликоптери за Армијата, евалуацијата на понудите е завршена, по што истите ќе бидат презентирани пред државниот врв и изрази уверување дека одлуката за набавка ќе биде донесена што поскоро.
Поврзано со донациите на воена опрема за Украина, министерката порача борбената способност на Армијата никогаш не била намалена, дека секоја владина одлука за донација е донесена врз позитивно мислење од страна на Генералштабот на Армијата како стручно тело и дека опремата која е донирана не е во согласност со нашите планови за развој и НАТО стандардите, а и е потребна на Украина да ја одбрани својата сувереност. Министерката информираше и за новото барање за донација кое е пристигнато пред неколку недели и за кое во моментов се правата анализи од страна на Генералштабот, по што доколку има позитивен став, одлуката ќе се најде на владина седница.
За безбедносната состојба на Косово, Петровска истакна дека на регионот му се потребни мир и безбедност и дека за Северна Македонија нема директни безбедносни закани. Порача дека мирот и безбедноста мора да бидат прв приоритет за секој политичар во секоја од земјите во регионот.
„Северна Македонија покажа дека во изминатиот донесе многу тешки политички одлуки, но навистина од оваа дистанца вредеше да се инвестира во тие одлуки“, рече Петровска.
За прогласувањето на кризната состојба во подрачјето на КПД Идризово и вклучувањето на мал број армиски припадници во поддршка на полицијата, Петровска рече дека секогаш кога постои проценка дека има загрозување на ризикот по безбедноста, одговорно е сите институции да ги преземат механизмите кои се во нивна надлежност да превенираат такво нарушување.
„Армијата е во поддршка на полицијата и мислам дека на секој припадник на Армијата, меѓутоа и на секој граѓанин, треба да му биде гордост што Армијата се повикува во поддршка на институциите во Република Северна Македонија за справување со било какви кризни ситуации. Тоа е едноставно оддавање признание за довербата која се има во Армијата“, рече министерката.
За случајот за барање на поткуп за напредување во службата, министерката ја поздрави работата на Службата за воена безбедност и разузнавање и на Воената полиција, рече дека корупцијата е непријател број еден на секоја држава и повика секој да пријавува и најмал сомнеж за било каков вид на корупција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа