Сиљановска Давкова ја прими гувернерката на Народната банка
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија, соопштија од претседателскиот кабинет.
На средбата, прва по нејзиното стапување на функцијата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за тековната работа на Народната банка и остварувањето на предвидените цели, насочени кон постигнување и одржување на ценовната стабилност и кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем. На средбата гувернерката Ангеловска-Бежоска ги претстави и стратегиските цели насочени кон унапредување на спроведување на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, управувањето со девизните резерви, а во функција на обезбедување на услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги. Претседателката Сиљановска Давкова ги поздрави напорите на Народната банка за зачување на макроекономската стабилност на државата, во услови на геополитички и геоекономски ризици, истакнаа од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска упати честитки до претседателката Сиљановска Давкова по повод стапувањето на функцијата и ѝ посака успех во работата, додаваат од кабинетот на претседателката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа