„Скомрахи 2023“ од 1 до 5 ноември: На сцените на факултетот ќе бидат прикажани 8 театарски претстави и 25 филма

 

 

Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ги најавува новите „Скомрахи 2023“, меѓународни средби на студенти од драмските академии. Од 1 до 5 ноември 2023 година на сцените на Факултетот ќе бидат прикажани 8 театарски претстави и 25 филма на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка, Иран и од Германија. Секако, пред скопската публика ќе се претстават и домаќините – студентите на ФДУ. Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливиот „Скомрах оф“, музичка програма и забави во бифето на ФДУ.

 

Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите – новите „скомраси“. Како и во минатото, така и денес тие продолжуваат да размислуваат и создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на годинешното издание акцентот го ставаат и на своите улоги во уметноста во новото време, што се одликува со сè поголемата улога на вештачката интелигенција.

Отворањето на „Скомрахи 2023“ е закажано за 1 ноември, во Драмскиот театар – Скопје, со краткиот филм „Тага“, во режија на Тина Величковиќ, и дипломската театарска претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“, во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на ФДУ. Целата програма на средбите е објавена на социјалните мрежи и на веб-страницата на ФДУ, а публиката е добредојдена со бесплатен влез за сите настани. Средбите се поддржани од ФДУ/УКИМ и од Министерството за култура на Македонија.

30.10.2023 - 22:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега