Судските административци до пратениците: Надминете се и изгласајте буџет со повисоки плати
Пратениците да се надминат себе си и да изгласаат буџет кој ќе гарантира зголемување на платите. Ваква порака упатија денес на протест пред Собранието, вработените од судската и јавнообвинителската служба, Фондот за здравство, како и од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Протестот е во организација на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Говорниците на протестот го искажаа својот револт бидејќи во предлог буџетот кој е пред пратениците не е превидено покачување на платите на судската администрација и побараа поддршка од народните избраници.
Остри критики упатија и до вицепремиерот Фатмир Битиќи поради изјавата дека судската администрација е виновна за одолговлекување на предметите, а ќе треба да се скрати од пензиите и од оброците на студентите ако ги зголемат платите во здравството и во Обвинителството.
„Судскиот совет е надлежен за нашата работа, вие грижете се за она што е во ваша надлежност“, му порачаа на Битиќи, додавајќи дека времетраењето на постапките не зависи од судските службеници, туку од судиите. Го повикаа вицепремиерот да дојде и да праша кој од овие вработени имаат 37.876 плата колку што изнесува новата вредност на просечната плата за септември.
Бојан Ристески претседател на Независен синдикат на дрржавна администрација беше дециден: „Бараме европски плати за нив, европски плати за нас“.
Рече дека се подготвени низ дијалог и преговори да го решаваат проблемот.
Борче Мирчевски – претседател на здружението на судска администрација изјави дека вработените во судската служба имаат досега најголема разлика со платите на суддите, а толкава разлика никогаш досега не била забележана.
Вчера премиерот рече дека правото на протест е загарантирано, ќе продолжат преговорите со претставниците на синдикатите, но покачувањето на платите ќе биде во соглaсност со можностите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа