Франција воведува строга забрана за пушење - следува казна од 135 евра

 


Француската влада соопшти дека од 1 јули ќе биде забрането пушењето на отворени јавни места каде што може да се наоѓаат деца, како што се плажи, паркови, околу училишта, автобуски постојки и спортски објекти.

„Каде што има деца, тутунот мора да исчезне“, рече министерката за здравство и семејни прашања Кетрин Вотрин во интервју за регионалниот весник Ouest-France.

Таа изјави дека казната за непочитување на забраната ќе биде 135 евра и посочи дека „слободата за пушење завршува таму каде што почнува правото на децата да дишат чист воздух“.

Освен за градинките и основните училишта, забраната ќе важи и за средните и високите училишта, особено со цел учениците да не пушат пред нивните училишта.

Сепак, забраната нема да ги опфати кафулињата, ниту електронските цигари.

Министерката за здравство изрази желба да се намали „дозволеното ниво на никотин“ во електронските цигари и да се ограничи опсегот на вкусови.

„Потребен ми е научен и технички совет за да се утврдат деталите“ на тие мерки, кои треба да стапат во сила „до крајот на првата половина на 2026 година“, рече министерката.

Широкото воведување простори без чад, како што најави министерот Вотен, е една од мерките наведени во Националната програма за контрола на тутунот 2023-2027 година со цел да се создаде „генерација на непушачи“ до 2032 година.

Според истражувањето спроведено од Лигата против ракот, 62 отсто од Французите се за поширока забрана за пушење на јавни места.

Се проценува дека пушењето предизвикува 75.000 смртни случаи годишно во Франција.

30.05.2025 - 10:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега