Истрага за багеристот кој усмрти жена во Скопје: Ја прегазил на пешачки, не се придржувал до прописите
Скопското обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 42-годишник од Скопје, на 1 јули, на улицата “Јордан Мијалков“ во Скопје, управувал мобилна машина „Лиебхерр“ без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. На обележан пешачки премин со машината удрил во телото на една жена-пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала, велат од Обвинителството.
Непосредно по настанот, јавен обвинител изврши увид на лице место и издаде повеќе наредби со цел да се испитаат сите околности и да се утврдат причините за сообраќајната несреќа. По еден дел од наредбите се уште се постапува.
За да го обезбеди присуството на осомничениот и непреченото водење на постапката јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, објавија од Обвинителството.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа