Истражување: Поддршката на членството на Северна Македонија во НАТО и ЕУ бележи значителен раст
Поддршката на членството на Северна Македонија во НАТО од 2021 година континуирано се зголемува правејќи кумулативна позитивна разлика од 5,9 проценти и во апсолутна смисла денес таа изнесува 65,7 проценти. Европските интеграции на Северна Македонија ги поддржуваат 62,3 проценти, што претставува резултат кој е на скоро исто ниво од претходното истражување во 2022 година, кога таа поддршка изнесуваше 62,8 проценти.
Ова се дел од резултатите од испитувањето на јавното мислење што ги сподели денеска Фондацијата Конрад Аденауер, која ја издаде публикацијата: „Меѓународни предизвици 2023 (Истражување на јавното мислење)“.
Испитувањето е спроведено кон крајот на мај годинава од Институтот за политички истражувања (ИПИС), со вклучени 1 111 испитаници.
- Публикацијата има за цел да го анализира расположението на македонската јавност во однос на најважните предизвици и дополнително да ги разјасни трендовите на движењето на таквото расположение низ хронолошка повеќегодишна перспектива која се темели на добиените резултати од претходно спроведените истражувања на јавното мислење издадени од страна на Фондацијата во 2021 и 2022 година – „30 години независност“ и „30 години надворешна политика и одбрана“, соопшртија од Фондацијата Конрад Аденауер.
Во однос на времето кога Северна Македонија ќе се зачлени во ЕУ, се наведува во соопштението од Фондацијата Конрад Аденауер, најголемата група ја сочинуваат испитаниците што сметаат дека тоа нема да се случи никогаш, односно 39,3 проценти, што споредено со 2022 година оваа група има раст од 11,3 проценти, дека членството во ЕУ ќе се оствари за 10 години сметаат 14,9, дека членството ќе се случи за 10 – 20 години сметаат 11,3 проценти, дека ќе се случи за 5 години сметаат 8,5 проценти, додека 18,1 процент, изјавиле дека не знаат, односно немаат одговор.
Преспанскиот договор со Грција го поддржуваат 36,3 проценти, а 37,2 проценти сметаат дека овој договор ги подобрил македонско-грчките односи, што споредено со 2022 година претставува раст од 6,6 проценти.
- Педесет и девет проценти не го поддржуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, што споредено со 2021 претставува раст од 13,6 проценти. Истовремено 67,3 проценти сметаат дека по потпишувањето на овој договор македонско-бугарските односи се влошиле, што споредено со 2022 година претставува раст од 10,2 проценти. 68 проценти ја поддржуваат иницијативата за соработка помеѓу Северна Македонија, Албанија и Србија „Отворен Балкан“, што споредено со 2022 година претставува раст од 2,3 проценти, покажуваат резултатите од спроведената анкета.
На група засебно поставувани прашања за безбедноста, кои се однесуваат на широк круг на надворешни состојби што влијаат врз безбедносните состојби во државата, се додава, 92,3 проценти сметаат дека организираниот криминал претставува најголема закана за Северна Македонија, по што следуваат потенцијалните нови здравствени епидемии кои како опасност ги чувствуваат 84,9 проценти од испитаниците, па лажните вести со 82,5, хибридните закани од други држави со 79 проценти, напливот на мигранти со 76,4 и враќањето на борците од странски боишта во државата, што како најголема опасност за Северна Македонија го сметаат 70,7 проценти од испитаниците.
Фондација Конрад Аденауер соопшти дека на прашања посветени на квалитетот на билатералните односи на земјата со селектирани држави, на врвот се наоѓаат Србија, за која 88,1 процент сметаат дека има добри односи со Северна Македонија, и Турција, за која 84,3 проценти сметаат дека има добри односи со Северна Македонија. Следни во горниот дел од табелата се Германија со 77,4 проценти, Албанија со 66,3, Косово со 65,7 и САД со 62,2 проценти позитивни перцепции. На најдолниот дел од табелата се Бугарија и Русија, за кои само 18,3 проценти односно 16,5 сметаат дека имаат добри билатерални односи со Северна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа