Муцунски: Конечно се решава проблемот со паркирањето во Аеродром
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска заедно со директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски направија обиколка низ општината и ја разгледаа можноста за воведување зонско паркирање на нови локации со цел да излезат во пресрет на барањата на локалните жители за воведување ред во паркирањето.
Како што соопштуваат од општината, паркинг просторот е еден од најголемите проблеми на аеродромци и затоа, општина Аеродром заедно со ЈП „Градски паркинг“ ќе изнајде решение кое ќе биде прифатливо за сите.
-Во наредниот период како општина Аеродром планираме да преземеме конкретни чекори и ќе спроведеме анкета преку урбаните заедници, односно куќните совети/управителите на станбените објекти кои не се опфатени со зонското паркирање, изјави градоначалникот Муцунски додавајќи дека доколку граѓаните се изјаснат позитивно, тогаш ќе се воведе зонско паркира на повеќе места како Стар Аеродром и Ново Лисиче.
Освен воведувањето зонско паркирање Општина Аеродром планира да започне и со воведување косо паркирање, со што ќе се обезбеди уште поголем број места, што беше едно од предизборните ветувања на градоначалникот Муцунски, наведуваат од општината.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа