Николоски за блокадата од Бугарија: Нема европски државник кој ќе дозволи да седи на иста маса со корумиран човек како Заев

Блокадата која сега доаѓа од Бугарија е само последица на три години назадување на Македонија со Заев. Верувајте, нема европски државник кој ќе дозволи на иста маса да седи со корумпиран човек. Бугарија само вешто ги искористи неуспесите на Заев, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервју за порталот МКД.мк.

Кога видоа (бугарските власти), додава тој, дека Заев не доби датум за преговори ни јуни 2018, ниту пак јуни 2019, ни октомври истата година заради недоволно ниво на реформи, решија и тие да покажат мускули пред сè за домашна предизборна употреба.

Ваквиот одговор тој го дава во контекст на прашањето на што го темелел неговото тврдење пред три години дека земјава нема да добие датум за преговори.

Николоски, меѓу другото одговара дека тоа тврдење го засновал на два столба. Првиот, вели, се бројните информации кои ги добивал од Брисел, а вториот е тоа што Владата на Заев нема капацитет за реформи.

„Во однос на првиот, не би зборувал многу за себе, но не е тајна дека имам добри контакти и доста пријатели во Брисел и во бројни европски главни градови, пред сè стекнати низ години работа и комуникација со нив. Она од што сум изненаден е тесноградоста која ја покажа Владата. Имено, ниту еднаш не ме повикаа да прашаат за совет за искуство или барем како ете секогаш ја имам правилната информација. Јас бев и сум подготвен сите контакти да ги ставам на располагање на државата. Без разлика на партиска определба, целта е иста, Македонија да напредува. Но, наместо тоа, добив јавни напади и потценувања како јас, така и ВМРО-ДПМНЕ. Без желба за комуникација. Гледате како арогантно одбиваат лидерска средба да се разговара за заедничка позиција кон Бугарија или за влада за национален спас“,вели Николоски.

За вториот столб, посочува тој, неговата проценка е дека Владата на Заев има нула капацитет за реформите кои ги бара ЕУ.

За прашањето што понатаму, Николоски смета дека е потребна силна дипломатија, реформи внатре и искрен однос со јасно исцртани национални позиции поддржани од сите.

„Исто така потребно е многу да се испорача дома. Верувајте, многу повеќе притисок ќе има врз Бугарија кога Македонија ќе е средена држава со функционален систем на владеење на правото. Тоа го нема и затоа Бугарија е релаксирана да прави што сака. Потребна е и стратегија за претставување на Македонија во државите членки на ЕУ со силна промоција и лобирање. Тоа мора да се прави. Ние сме мала држава и мора да имаме агресивна промоција во државите членки на ЕУ и да соработуваме со фондации, институции, организации кои ќе лобираат за Македонија. Сето ова заедно може многу да ја поправи ситуацијата во која е Македонија. Колку има волја за ова, тоа е друго прашање. За жал ја нема кај Заев и Владата“,вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.11.2020 - 14:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега