„Бела ноќ“ по десетти пат во Скопје

Со ретроспективна изложба по повод еден век од раѓањето на сликарот и карикатурист Василие Поповиќ-Цицо, основоположник на македонската сценографија, вечер во 20 часот во галеријата Даут-пашин амам официјално ќе биде отворена десеттата  манифестација „Бела ноќ“.

Организатор е Град Скопје и се вклучени културните институции под негова надлежност и национални установи, кои ќе примаат посетители до раните утрински часови. Покрај домашни уметници, ќе има и гости од Јапонија, Велика Британија, Франција, Австрија и од сите балкански земји.

Цела ноќ за посетителите ќе бидат отворени и вратите на Музејот на современа уметност, Галеријата на МКЦ, галериите „Грал“, „3М“, „Арте“, „Галерија 8“, Музеј на Град Скопје, Културно-информативниот центар, Универзална сала..., како и кино „Милениум“ со 24-часовен филмски маратон од 11 часот.

Ќе има десет сцени со различни музички жанрови - рок, џез, хеви-метал, хип-хоп..., но посебен настан  во музичката програма е настапот на 70-члениот хор „Перпетум џезиле“ од Словенија, на плоштадот Пела од 21 часот.

Настаните се бесплатни за посетителите, како и автобусите на ЈСП кои  вечер од 19 часот бесплатно ќе превезуваат кон Центар. Од 12 до 19 часот бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина, како и автобусите со броеви 8 и 15А кои поминуват пред ЗОО.

Во пресрет на манифестацијата градоначалникот на Скопје Коце Трајановски пред неколку дена на прес-конференција ги повика скопјани и жителите од цела држава во што поголем број да ја посетат јубилејната „Бела ноќ“ зашто, рече тој, за сите вкусови ќе има по некој настан, содржини од различни жанрови, на многу локации во главниот град и на скоро сите јавни места. 

04.10.2014 - 10:20

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега