Седнале пијани зад воланот - 11 сообраќајки во Скопје

Во текот на вчерашниот ден во Скопје се случиле 11 сообраќајни незгоди. Од нив пет се со последица материјална штета и шест со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило, еден сопатник и пет пешаци.
 
Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 26 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив девет возачи се движеле со поголема брзина од 90 километри на час во населено место, четворица возачи кои ги управувале возилата под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, четворица возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосница, 17 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или, пак го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото, како и 12 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафорот за пешаци.

Со помош на специјалното возило „пајак“ од страна на сообраќајната полиција отстранети се 62 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Во сабота по повод верскиот празник Задушница се очекува прилив на поголем број на граѓани на гробиштата Бутел, Ѓорче Петров, Камник, Драчево и останатите со што интензитетот на сообраќајот на овие делови ќе биде зголемен. Од овие причини ќе биде зајакнато присуството на сообраќајната полиција со цел зголемена безбедност и проточност на сообраќајот.

Во недела со почеток во 18 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во рамките на АБА лигата ќе се одигра меѓународен кошаркарски натпревар помеѓу екипите на МЗТ Аеродром и Цедевита, Република Хрватска. Со цел непречено и безбедно одвивање на оваа спортска манифестација, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземани соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.

31.10.2014 - 09:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега