Ставрески: Со новите фискални каси ќе се намали сивата економија
На 31-ви јануари завршува рокот до кога даночните обврзници можат да ги заменат старите со новите ГПРС фискални каси. Придобивката од оваа нова мерка, според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, е голема, како за даночните обврзници, така и економијата воопшто, бидејќи со нив пред сѐ ќе се намали сивата економија, пренесува Лидер.
-Воведувањето на нови фискални апарати со онлајн поврзаност во реално време со УЈП е мерка што значи воведување на нов современ систем за фискализација со понови апарати кои овозможуваат во реално време да се следи готовинскиот промет и извештаите од даночните обврзници. Придобивките се големи и за економијата и за даночните обврзници, во насока на поедноставување на постапката и намалување на бројот на даночни контроли, бидејќи штом УЈП ги има информациите во реално време за тоа колкав е дневниот промет на секој даночен обврзник ќе може подобро да ги оцени ризиците, односно каде има сомневање каде лажно се пријавува прометот, или во голема мера се одвива готовински плаќањето, смета вицепремиерот Ставрески.
Според надлежните, ќе се вршат контроли само таму кадешто има индикации дека има помалку пријавен промет. Нема да има потреба ресурсите на УЈП постојано да го прават тоа, туку ќе може потаргетирано да се насочат инспекциите кон оние субјекти каде што има информација дека во одреден период не го пријавуваат прометот како што треба. Даночните обврзници ќе може со помали административни трошоци да го прават ова бидејќи нема да има повеќе хартиени ленти за пријавување на прометот, туку истото се прави на електронска картичка. Целиот промет и трансакциите се одвиваат електронски, и на дневна основа се известува УЈП.
-Едноставно се работи за еден посовремен и попрецизен систем на евиденција, со кој ќе се намали сивата економија, а од друга страна ќе се овозможи преку помалку контроли да се постигне истиот ефект и сметам дека тоа е корисно и за УЈП и за даночните обврзници, нагласува Ставрески.
Новите фискални каси на трошок на државата
Замената на старите со нови ГПРС фискални каси не претставува трошок за компаниите. Преку даночен кредит, трошокот ќе биде покриен од страна на државата, со цел да не им биде товар на даночните обврзници. Според Ставрески, од една страна дефакто за даночните обврзници нема трошок, а долгорочно гледано, за нив ќе има само заштеди како и овозможување на УЈП порационално да ги користи сопствените ресурси.
Во системот на УЈП веќе има регистрирано над 36 илјади фискални каси со ГПРС. Се очекува до крајниот рок, 31-ви јануари, бројката да достигне меѓу 50 и 55 илјади. За оние кои се уште ја немаат реализирано оваа мерка навреме, роковите нема да се продолжуваат, а казните се високи.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа